Do Black, кредитна картичка која се блокира кога корисникот ќе го надмине дозволениот лимит на јаглеродни емисии; проект на Карфур за поставување „црн пазар“ на зеленчук и овошје пораснато од семиња кои не се дозволени согласно бесмислените ЕУ закони во оваа област, и кој доведе до менување на регулативите; празно издание на либанскиот весник Ан-Нахар како коментар на неколкумесечната блокада на оваа земја, се некои од добитниците на главните награди во различни категории на фестивалот на креативност Кан Лајонс, кои беа соопштени вчера, 20.06.
Во категоријата „Односи со јавност“ победи проектот „Тампон: книга против даночната дискриминација“, која е форма на протест против германскиот данок од 19% на женски хигиенски производи. Компанијата „Фимејл“ спакувала 15 органски тампони во книга од 46-страници, за така производот да потпадне под пониската ставка која се однесува на книги, а изнесува 7%.
Креирана од Sholz&Friends од Берлин, кампањата е инспириран од претходни успешни приказни од Кенија, Канада и Индија, каде повисоките стапки за тампони се укинати по реакции од јавноста. Првиот тираж на „Тампон бук“ е продаден за еден ден, а вториот за една недела, со голема помпа од страна на активисти и „инфлуенсери“, од кои најголемиот дел не ни биле свесни колку изнесувал данокот за женски хигиенски продукти. Тие со стапката од 19% спаѓаат во полуксузна група од, на пример, кавијар, масла на платно и цвеќиња, кои се оданочуваат со 7%. Овој закон во Германија е донесен во далечната 1963, во Бундестагот кој во тоа време бил составен исклучиво од мажи.