Изреката вели дека „животот пишува романи“. Еве пример како од една навидум банална вест, за смрт на бездомник на паркинг некаде во Британија се прави цела истражувачка сторија, која открива повеќе отколку што се очекува.
Хамид Фарахи Аламдари (1962-2018) бил полн со приказни. Кога живеел во својот автомобил на паркинг на супермаркетот Теско во Харлоу, Есекс, на секој кој сакал да го слуша му раскажувал за возбудливото минато како авио-инженер, ирански воен ветеран и физичар. Еден од неговите најстрпливи слушатели бил сметководителот Адам Протеро, кој се сеќава дека Хамид бил акохоличар, и дека сè што овој му кажувал земал со резерва. Но сепак му помагал секогаш кога можел, или носејќи му храна од дома, или организирајќи собирање средства за да му се најде засолниште во текот на зимата.
И тој не бил единствениот кој паднал на шармот на бездомникот. Голем број локалци сакале да муабетат со него, заради неговите вицови и егзотичниот акцент. Со новите пријатели тој зборувал за литература и за наука, за духовност и боречки вештини и за Ирачко-иранската војна во која бил испратен на 19 години. Знаел седум јазици, велел дека има докторат од астрофизика и теориска математика, а спомнувал и работно место кое речиси го добил кај проф. Хокинг. Им покажувал фотографии од војска и од другарите од одредот кои погинале. Велел дека има страшни трауми поради кои пие.
Хамид останал без дом откако во 2017 ја загубил пензијата во некаква матна зделка. Ставил шатор близу супермаркетот, но тој бил запален. Наскоро некој му дал старо Пежо 206, кое тој го ставил на паркингот и го наполнил со донирана облека и книги. Единствено празно било совозачкото место на кое спиел.
Новинарите од Гардијан преку пријатели, роднини и социјалните мрежи откриле дел од неговата приказна. Според неговиот фејсбук профил, последен пат обновен во 2015, тој во 2006 почнал да работи на ново работно место како инженер за Британското карго воздухопловство. Негови фејсбук пријатели се главно убави млади жени од различни земји, има и колеги аеро-инженери и неколку Иранци. Во наведената биографија се вели дека дипломирал на Аеронаутичкиот универзитет во Бристол во 1997. Но таков универзитет не постои, иако постои таков оддел на Бристолскиот универзитет, од каде тврдат дека Хамид не бил нивен студент. Исто така и Британското воздухопловство одбива да потврди дека тој некогаш работел таму.
Истражувачите на крај доаѓаат до постариот брат на Хамид, 64-годишен професор на Брадфорд колеџ, кој вели дека тој, Хамид и нивните родители дошле во Иран од Азарбеџан и зборувале турски. Татко им работел обезбедување во министерството за здравство, а мајка им била домаќинка. И двете деца биле талентирани за наука и математика. Прв од Иран за Британија заминал постариот брат, во 1974, пред Хомеини да ја воспостави исламската република. На универзитетот во Лидс студирал машинско и аеро инженерство, а поради неговите високи постигнувања останал да предава на истата институција.
За разлика од него Хамид бил собран во војска и долго време по неа не можел да се опорави од пост-трауматски стрес. Заминал во Индија да студира физика и да се излечи. И навистина докторирал, но истовремено минувал долго време медитирајќи и читајќи ги 13-вековните персиски поети, особено Руми и Шамс Табризи. Сепак, почнал и многу да пие.
Откако се вратил во Техеран не можел да се соочи со опресивниот режим и забраната за пиење. Еднаш бил осуден на 80 камшици откако бил фатен со алкохол. Дошол во Британија во своите рани 30-ти и живеел со сестра му, учејќи англиски. Се покажал како одличен студент, по што навистина се запишал на Бристолскиот универзитет, но не за да студира туку за да добие диплома која би му овозможила да работи на авиони. Токму тогаш испратил и апликација за асистент на Хокинг на Универзитетот Кембриџ, која е сочувана, но не и одговорот за тоа дали навистина влегол во потесниот избор.
Добил работа како аеро-инженер во Бристол, живеел со девојка му и работите изгледале добро. Но по некое време повторно почнал да влегува во ризици. Во 2008 ја загубил работата и најпрвин живеел со пријател. Иако брат му се обидувал да му најде работа во странство според струката, но ништо од тоа не излегло како што треба. На крај тој и брат му, кој си имал свои маки со дете со посебни потреби, едноставно се разделиле. Пет години подоцна, во 2017 Хамид ја продал својата пензија и завршил како бездомник. Една година подоцна умрел на паркингот на Теско. Бидејќи астрофизиката му бил омилен предмет, братот и луѓето кои се грижеле за него се надеваат дека во некој паралелен свет тој си го нашол својот мир.
Од рубриката „Празен куќен праг“ на Гардијан, серија текстови за луѓе кои починале како бездомници