Во „Заплеткано: тајниот живот на косата“, антропологот Ема Тарло, која предава на Универзитетот Голдсмит во Лондон, ја истражува долгата историја, но и современата состојба со трговијата со коса. Следејќи го нејзиното движење од Индија, Мјанмар, Кина, Африка, САД, па до Британија и Европа, таа се среќава со луѓе кои заработуваат за живот токму плеткајќи се со неа. Тие се вработени во кинески фабрики за перики, клиники за ќелавост во Британија и САД или се учесници на шоу за афро-фризури, а она што ги спојува се сите тие перчиња, локни и шишки, кои на прв поглед изгледаат банално, но всушност се врска помеѓу модата и религијата, убавината и културниот идентитет.
Една епизода се случува на Меѓународен саем во Џексон, Мисисипи, каде се продаваат куп апарати и производи кои на црните жени би им помогнале нивната коса да изгледа „природно“. Иронијата е уште посилна ако се има предвид дека повеќето од тие екстензии, додатоци и хемикалии доаѓаат од - Кина. Таму пак производителите на перики (па дури и вештачки бради) за мажи никогаш не се рекламираат, затоа што „никој не сака да знае дека влакната споени со неговиот скалп или брада се всушност од надворешноста на стомакот на јак“. Еден младоженец во Индија кого го среќава авторката носи наметка исплетена од човечка коса, која за разлика од животинските влакна употребена на ваков начин ни асоцира на нешто на половина пат помеѓу фетишизам и канибализам.
Тарло наидува и на нешто што може да се нарече „перење коса“ - во 2004, 94-годишен рабин од Ерусалим изјавил дека Еврејките треба да престанат да носат перики направени од коса на Индијци. Таа всушност потекнува од хинду храмови во јужна Индија, каде аџиите ја бричат пред да влезат во светиот простор. Оваа забрана набргу пристигнала и до Евреите во САД, каде за краток период се запалени цели магацини со перики. Еврејските продавачи на коса банкротирале, ама затоа пак руските просперирале, но не затоа што престанале да продаваат индијска коса, туку затоа што ги бирале посветлите нијанси и ја нарекувале „европска“ или „украинска“.
Сите овие приказни се само дел од нашиот дуелен однос кон сопствените влакна, кои иако се дел од нашата физиологија сепак се неразделно поврзани со културата и нејзиниот однос кон човечкото тело.