Tajната историја на советските винили снимени на рентгенски плочи

Стивен Коутс десет години свирел низ Русија со неговиот бенд, а пред четири на бувљак во Санкт Петерсбург наишол на нешто што изгледало како музички албум изрежан на рентгенска плоча. Така почнал неговиот интерес за историјата на овој феномен - пиратирани плочи под име „коски“ или „ребра“ од времето на Студената војна, кои содржеле забранувана западна музика.

Така Коутс го започнал X-Ray Audio Project, посветен на оваа примитивна но крајно креативна технологија, на користење веќе употребени рентгенски плочи од локалните болници за надмудрување на системот. Проектот се состои од онлајн архива, книга, документарец и патувачка изложба која ќе биде отворена во 2017 во Музејот на современа уметност во Горки Парк, Москва.

Но која била забрануваната музика во Русија во тоа време? Всушност во немилост биле самите музичари - руски пејачки во емиграција кои не се вратиле за да се придружат на комунистите, а живееле во Западна Европа - како и целиот нивен репертоар. Забранети биле и одредени ритми: танго, фокстрот, мамбо, но и дел од народната и ромската музика. Сè што звучело контрареволуционерно и што можело да ги затруе младите умови, кои сакале и самите да пишуваат и снимаат музика, што исто така не било дозволено ако не си бил официјално „одобрен“.

Еден од најпопуларните, а забранети биле Пјотр Лешченко, „кралот на руското танго“, најпознат по песната „Срцето на мама“, чија музика била често копирана на рентгенските плочи, или слушана на исто така забранетите радио канали (на пример Радио Техеран)

Технологијата на копирање се базирала на подвижен „режач“ на плочи, кој луѓето сами го изработувале. Ова било само првата фаза на „бутлег“ културата, а следните биле уште помасовни, со преснимување на музика најпрвин на магнетофонски ленти а потоа на касети. Рентгенските плочи биле соодветни затоа што тоа се всушност фотографски филмови, односно пластика која се покажала како добра за снимање музика. Помогнало и тоа што државата наредила болниците да се ослободуваат од веќе искористените филмови затоа што тие биле многу запалливи. Казните за оние кои биле фатени се движеле од опомена до затвор за оние кои ги продавале или изработувале. Некои од „бутлегерите“ минале и по две години во затвор во текот на 1960-тите.

Најчудната приказна која ја раскажува Коатс во интервју за Дејзд е дека на некои од плочите властите имале снимено тајна порака, во форма на предупредување. На пример ја слушаш Ела Фицџералд и одеднаш строг глас ти вели „а сакаш да слушаш џез, а пе’ер?“. Луѓето можеби се ваделе од памет, ама не значи дека престанувале да ги слушаат ваквите плочи.

Поврзано: „Стилјаги“ - руските хипстери

Говорот на Коутс на ТЕДх Краков 

 

4 август 2016 - 11:11