Повеќе како обид за ескапизам отколку заради политички протест, Стилјаги си создале сопствени живописен свет во рамки на рестриктивниот режим. Во поствоена Русија немало многу можности за забава, а уште помалку за изразување на индивидуализам. И покрај забраната за производи од западната култура наметната од Сталин, Стилјаги имале каков-таков пристап до американски списанија, плочи и филмови кои се нашле во руски раце во текот на војната. А и самиот Сталин си сакал филмови од американската Б-продукција - негови омилени филмови наводно биле „Секоја мугра умирам" со Џејмс Кегни, „Се случи една ноќ" со Клерк Гебл и филмовите со Тарзан.
Ограничениот пристап до американската култура имала специфични ефекти. Стилјаги сакале нападно да џвакаат мастики, како што тоа го правел Кегни во филмовите, но бидејќи мастики немало да се купат користеле и парче парафин - сè за да се изгледа кул, па макар и без свеж здив. Со импровизација се правеле и инструменти, а музиката се снимала на неверојатен начин, со употреба на рентгенски филм (примери тука). Илегалните копии често содржеле снимки на скршени раце, нозе и ребра, па затоа биле наречени и „коски“. За нивно снимање и дистрибуција можело да се добијат 3-5 години работа во логор.
„Денес игра џез, но утре ќе ја продаде татковината" била вообичаената изрека со која режимот ги оцрнувал овие млади луѓе. Но вака било до крајот на педесетите, кога СССР станал поотворен за модерната култура. Стилјаги така станале дел од социјалната историја на Русија, а се овековечени во руска музичка комедија од 2008 под истото име.