Во Хрватска деновиве излезе превод на книгата „Пјонгјанг: патување низ Северна Кореја", црно-бел стрип на 176 страници, што беше повод booksa.hr да направи осврт кон неа. Таа е настаната како резултат на посетата на Северна Кореја на Канаѓанецот од Квебек Ги Делил, како вработен во една француска компанија за производство на цртани филмови, што му овозможило да добие работна дозвола и дозвола за престој во тек на два месеци.
Вооружен со Орвеловата 1984, цигари Житан и коњак за подарок, тој со себе имал и шверцуван транзистор, кој излегло дека воопшто нема да му користи затоа што и радио брановите се под контрола на власта. Веднаш по доаѓањето, според протоколот, е однесен пред 22-метарскиот бронзен споменик на Големиот Водач - имено, секој странец во придружба на преведувач-водич ја минува истата процедура, која наликува на иницијација, но и на суптилно предупредување.
Движењето низ градот е радикално ограничено, а дозволените места се само на оние кои власта одлучила дека можете да ги видите. На пример Музејот на империјалистичките злосторства, Палатата на децата (некој вид училиште за надарени деца) или Музејот на меѓународното пријателство, кој содржи подароци за Водачот од целиот свет. Во меѓувреме јадете во морничаво празни ресторани, седите во хотелската соба и се дружите со странци кои се сместени во некој вид вештачки остров кој се состои од комплекс хотели. Ги ниту еднаш не сретнал хендикепирани или стари лица, а неговиот водич го уверувал дека такви лица со посебни потреби воопшто и не постојат во неговата земја.
Графичката новела ја раскажува токму таа паралелна стварност на една од најнепристапните земји на светот, во која можете да престојувате и со години а да не видите ништо. Тоа е стрип-патепис, малку хумористичен, малку потресен, во кој Ги како и веројатно секој кој бил таму барем неколку дена си го поставува прашањето: веруваат ли овие луѓе во тоа што им се сервира како вистина? Асоцијациите со кое било друго општество кое е наводно демократско, а во кое Големиот брат подеднакво строго го надзира секое движење на неговите поданици се сепак очигледни. Дали било кој од нас е сигурен дека го знае она што наводно Севернокореанците не го знаат?