На шестиот ден од мојот престој во Скопје дојде ќерка ми, од Солун. Прв пат дојде во Скопје, градот за кој од мене слушаше во правилни и неправилни интервали. Затоа што Скопје за мене е и митско и, како што би рекле денешните помодари, култно место. Првата радио станица на моето детство беше Скопје. И првата музика на радио: До Солун, ојду, севдо мори, абер ми дојде...Па Васка Илиева и Нина Спирова, па Никола Бадев и Александар Сариевски. Па она жалното македонско Л во гласот на Ивко Панговски, додека го пренесува првиот Вардаров натпревар по земјотресот. А Илеш Шпиц, а Бобек! Без Скопје детството би било пустина. Жими Скопје, жими тие детски морници за Скопје!
- Тато, што ќе видиме најпрвин во Скопје?
- Прво, ќерко моја, ќе одиме на гробишта.
- Тато, мораме ли баш на гробишта?
- Не мораме ни баш ни никако, но ако не одиме денес, кој знае дали некогаш ќе отидеме заедно на големите скопски гробишта.
- А кој е закопан на тие гробишта тато, некој од поетите и пеачите?
- Има таму гробови и на поети и на пеачи, но јас те водам на гробот на еден свирач и танцувач: Гркот Зорба.
- Wow, одиме тато, сакам да го видам гробот на Гркот Зорба!
Во Скопје тие големи гробишта се викаат Бутел. Низ нив водат широки асфалтирани улици, некои посетители се возат по нив побргу отколку во градот. На триесетина метри од Алеата на великаните, во која се погребани Блаже Конески, Славко Јаневски, Киро Глигоров, Лазар Колишевски, се наоѓа алеата 17, во чиј втор ред, на бројот 23, почива еден од најславните Грци во денешниот свет. Тоа му е втор гроб, првиот му бил на гробиштата Црниче, а во 1954 коските му се пренесени во Бутел. На гробот нема ниту една грчка буква, името му е напишано со наша кирилица: Георгиос Зорбас 1865-1941. Тоа е Зорбас кого еден од најголемите писатели на кој и да е јазик, Никос Казанѕакис, во славниот роман го нарече Алексис, а Михалис Какојанис во славниот филм го вика Зорбас.
Во гробот не е сам. На надгробната плоча, над неговото име, има уште две: Јован (1898-1964) и Констандина (1906-1969). На врвот на плочата стои презиме Јада, а под него имињата Аспасија и Вангел, кои ја подигнале гробницата. Во скопското семејство Јада се омажила ќерката на Зорбас, Екатерина, за богатиот трговец Никола. Таа ќерка таткото ја повел со себе во Скопје, во 1926, откако во 36-тата година му умрела сопругата Елени, зад која останале осум (некои велат и десет) сирачиња. Зорбас во околината на градот имал купено два рудника, во Драчево и во Зелениково. Се раскажува дека имал и рудник крај Ниш, и еден некаде на Косово. Можеби во Скопје би можел уште да се најде некој којшто го видел Гркот Зорба жив. За тоа имало многу прилики: тој својот скопски живот го минувал најмногу во славната кафана Маргер, чиј сопственик бил славниот Стојан Воштињаров. Таа кафана постоела од 1939-1945, а денес постои повторно, но е поинаква и е на друго место. Во неа Зорбас трошел пари, време и здравје. Останала приказната дека бил најголемиот играч на сиртаки, дека заминувајќи во мугра на спиење барал од свирачите на бузуки да го следат до собата во хотелот Ловец каде живеел, а притоа барал и плаќал тие ни кога се оддалечуваат да не му вртат грб. Се знае дека и самиот чудесно свирел бузуки, иако во романот свири сантури.
Тој Зорбас за големиот писател, поет, драматург и преведувач Казанѕакис бил еден од најважните луѓе на неговото формирање, сосе Хомер, Ниче и Бергсон. Ниче на Казанѕакис му бил учител по вештината на гордост во борбата со бедата и несреќата, а „Зорбас ме научи како да го сакам животот и да не се плашам од смртта". Казанѕакис го запознал Зорбас никаде на друго место туку на Света Гора, во 1915, во време кога таму пошол да го бара она што тој таму не можел да го најде. Тоа е пак приказна за друга приказна за Казанѕакис, за оваа не е.
Самиот Јоргос Зорбас бил сè што можел да биде: и рудар, и дрвосечач, и битанга, и свирач на бузуки и играч на сиртаки, и пијаница и ноќобдеец, бранител на животот по цена на животот. Дитер Грисер, кому му го должиме најдоброто истражување за вистинскиот Зорбас, вели дека тој неверојатен човек, кому му се восхитува светот, можеби не бил најдобриот татко. Но ни тој аспект на неговата личност не е целосно доведен до израз кај неговите деца. Затоа што едно од тие деца, ќерката Андроники, биле скржава на зборови за таткото: амбивалентна по прашањето што нив, десеторица, ги оставил и отишол со Казанѕакис во Советскиот Сојуз да помага во преселување на кавкаските Грци во Грција, па потоа отишол на север, во Југославија. На сето тоа, а и на многу други нешта, чие набројување би одземало многу простор, треба да му се придружи и ова писмо кое на Никос Казанѕакис, половина година пред овој да умре, му го упатил најстариот син на Јоргос Зорбас, Андреас:
Одамна сакам да Ви ги искажам меланхоличните мисли, кои во мене ги предизвика вашата книга „Алексис Зорбас"...Monsieru Казанѕакис: Вие мора да имате тешко бреме на вашата совест! Вие сте направиле голема навреда, сте навредиле големо семејство на чесни работници, кои со години се бoрело и заслужило признание и почест од општеството. Ние, живите деца на Јоргос Зорбас, како и неговите бројни внучиња, се прашуваме, дали нашиот татко бил онаков каков што Вие го опишувате: ветропирен скитник, лудак, багабонт со качулка и лак, просјак, кои се коцкал по кафани, а потоа просел во својата капа. Дали е тоа почитувањето коешто му го укажувате на еден недложен човек, кој имал добрина и добродушност да Ве почитува? Допуштeте ми да ви кажам дека Вие со сето она со што пред светот ја навредивте нашата фамилија, сте направиле тешка грешка. Имам право да Ве прашам, на кој начин мислите да го исправите сето тоа и да му ја вратите честа на нашето семејство...
Казанѕакис бил многу погоден од ова писмо. Неколку месеци пред смртта му одговорил на синот на Зорбас:
Малкумина сакав онака како што го сакав Вашиот татко, никого не сум прикажал толку возвишено, никого не сум го направил толку познат во светот. Во САД, слушам, луѓето сакаат да основаат друштво на пријатели на Зорбас, а од еден дипломат на таа земја слушнав дека наумил да се откаже од досегашниот живот и дека сака да живее како оној лик од мојот роман. А сега ете синот на овој се жали...
Книгата за животот и доживувањата на Алексис Зорбас во Југославија со својот превод ја внесе Тон Смердел. Некаде осумдесетите години во Скопје излезе многу убав превод на Паскал Гилевски. Мене тој превод ми беше првата прозна книга која ја прочитав на македонски. Во Берлин, пред рамно дваесет години, шетајќи со моите мали близнаци по Далем, на раскрсницата на улиците Unter den Eichen и Hebelschwerdter Allee, на една дворишна зграда видов табла со натпис: 'Тука живееше и работеше, од 1920 до 1923, Никос Казанѕакис (18.2.1883-26.10.1957), грчки писател'. Под тоа, со курзив, стоеше Алексис Зорбас. Сеќавањето на таа спомен-плоча, сосе она на оние два превода, беше пресудно при одлуката на ќерка ми да ѝ предложам да отидеме и до мермерната плоча под која почива единствениот стварен Зорбас. Тој животот го живееше поинаку отколку неговиот пријател Казанѕакис. Овега Црквата го отфрли, а неговата книга „Исус повторно распнат" ватиканските поглавари ја ставија во индексот на забранети. Авторот за себе ќе запише: „Бев подрумар, заговорник на катеревуса, националист, заговорник на димотика, интелектуалец, поет, религиски фанатик, атеист, естет - и ништо од тоа веќе не може да ме измами". А Зорбас, кој сметаше дека светот е дело на ѓаволот и кој не им веруваше на книгите, а за оние на Казанѕакис дал многу граѓа, секако оставил трага и на епитафот на својот пријател поет. Овој почива во родниот град Ираклион, на островот кои некои од нас го викаат Крета, други Крит, а старите Грци го викале Крете и Кретаи, додека денешните го викаат Крити:
Не се надевам на ништо/Не се плашам од ништо/Слободен сум
(Δεν ελπίζω τίποτα/ Δε φοβούμαι τίποτα/Είμαι λέφτερος)
Синан Гуџевиќ
(Новости)