Луцидните, надреални, понекогаш болни текстови кои се однесуваат на измислената стварност во Србија, регионот и светот, често делуваат повистинито отколку вестите пласирани во мејнстрим медиумите. Во свој стил, уредниците (меѓу кои и Дејан Николиќ, кој неодамна гостуваше во Скопје, на конференцијата Engage), промоцијата ја посветуваат на 20-годишнината од денот "кога мрачните сили на минатото во својот разурнувачки поход се обидоа да дојдат до власта, и кога народната полиција со помош на секогаш подготвената Југословенска народна армија ги спречи во таа намера" (се мисли на неуспешните протести против Милошевиќ од 9. март 1991).
Еве неколку од насловите на статиите кои се најдоа во книгата, со локални и глобални акценти: „Милош Обреновиќ им се извини на Турците за востанието на Караѓорѓе", „Мајката на осумте Југовиќи повторно бремена", „Лицето НН страда од криза на идентитетот", „На скептикот му е одобрена кандидатура за евро-скептик", итн. Најголем хит кај нас секако беше текстот „Грција ќе го признае името Македонија за 100 евра месечно".