Магиските обреди се опишувани како „примитивни“, „демонски“, „богохулни“. Но тие и денес се спроведуваат и се дел од нашето секојдневие, колку и на нив да гледаме „од високото добро утро“.
Новинарот Момчило Петровиќ ги опишува истите во Србија (кои веруваме дека во голема мера се слични со оние кај нас), во тукушто објавената книга „Срце на црниот гулаб“, во издание на реномираната Лагуна. Тоа се делумно и репортажи, бидејќи тој пишува за обреди на кои присуствувал и во кои учествувал. Сепак, на самата корица на книгата е јасно наведено дека тоа не е никаков прирачник или промотивен памфлет за паранормални појави, туку дека е документарен материјал кој разоткрива древни слоеви на магиско мислење и однесување кои не можат да бидат туку-така избришани од современиот начин на живот, а некои од нив богами се поттикнати токму од него и неговите трауми.
Авторот присуствувал, на пример, кога на славска трпеза на домаќинот му е „прочитана“ скора смрт, бил сведок на привикување на умрен, посматрал ископување на мртовец и негово прободување со глогов колец, видел книга од која член на Српската академија на науки и уметности пророкувал иднина...Доволно за иден блокбастер филм во режија на, на пример, Драган Бјелогрлиќ?
„Јас не верувам во моќта на магиските обреди. Моето образование, мојот поглед на свет е рационален, научен, но човек подлегнува на таа атмосфера“, вели Момчило Петровиќ укажувајќи на нус-појавата на ваквото „набљудување со учество“ за која е свесен секој етнолог со теренско искуство. Вели дека во текот на обредот на истерување духови кај една девојка стар монах му рекол дека да не гледа во неа, затоа што ѓаволот, кога ќе биде истеран од молитвата на игуменот, ќе бара каде да се скрие, па од нејзините очи ќе влезе во неговите. „Кога сега го раскажувам тоа си мислам 'глупости', ама во тој момент, додека се случува, си велите 'а малку да го свртам погледот?'“.
Помеѓу темите имало и такви за кои тој не сакал да пишува, како кога во гроб во манастир во Србија (а тој не наведува имиња на топоними и личности) носеле болни деца да преноќат, или за обреди на жртвување животни. Имало додуша и смешни сцени, како кога полицијата на белградски Кошутњак растерала група граѓани кои нешто копале. После се раскажувало дека правеле „воловска богомоља“ - обред со кој се истерува заразна болест од заедницата, со тоа што во рана зора се минува, гол, помеѓу два огна преку река и низ земја. И сето ова веројатно како начин да се истера Ковид-19.
Во Србија од 1996 постои закон кој дозволува регистрирање на агенција за спиритуалистички и астролошки сеанси. Петровиќ бил и кај исцелител кој бил регистриран како некој кој спроведува спиритуалистички сеанси затоа што законот не признава исцелители, и тврди дека само во Белград има над дваесетина такви „канцеларии“ за наводно повикување духови кои работат и нешто друго.
Авторот ги доведува во прашање и стереотипите дека во магиски обреди веруваат необразовани и сиромашни. Напротив, кон нив прибегнуваат луѓе од сите слоеви на општеството. При посета на некоја бајачка, затекнал бивш министер кој дошол таму за да му биде вратена потенцијата. Тие се познавале од претходно, кога Петровиќ работел како новинар „за сериозни нешта“. Смешно е кога ќе се замисли министер како поминува низ некаков обрач од синџири кој е врзан со катанец, па се провлекува девет пати низ него додека бајчката го држи синџирот. Потоа нејзиниот помошник со моторна пила го сече катанецот со што симболично го одврзува „пациентот“.
„Ја слушам брусилката, знам кој обред е во тек, се отвора вратата и излегува - министерот!“.