„Луѓе, бидете сериозни. Ако навистина сакате да направиме нешто, не кликајте само лајк на постов. Пишете дека сте подготвени, и можеме да почнеме со нешто“, напиша Мустафа Наем, украинскиот новинар, на неговиот фејсбук профил утрото на 21 ноември 2013. За само еден час под постот се појавија 600 коментари. Подоцна истиот ден Наем ги повика неговите следбеници да се соберат на полоштадот Мајдан во Киев. Три месеци подоцна украинскиот претседател Виктор Јанукович беше симнат од власт.
Во тој момент ова не се сметаше за нешто исклучително. Од протестите поврзани со иранските избори од 2009 натаму, улогата на Фејсбук и Твитер во политичките бунтови беше значаен и признаен, и покрај тоа што движењата поттикнати преку социјалните медиуми често пати не успеваа во нивните долгорочни цели. Но сепак доминираше идејата дека преку поврзување на луѓето и овозможувањето тие да го искажат своето мислење, социјалните мрежи ќе прераснат во глобална сила која ќе дејствува во име на плуралноста, демократијата и прогресот.
Неколку месеци по протестите против Јанукович, една сторија која не беше толку популарна овозможи повознемирувачки поглед во потенцијалните политички употреби на социјалните медиуми. Во август 2014 Ерон Гјони, компјутерски инженер од САД, објави долг и агресивен пост во кој ја обвини Зое Квин, негова бивша девојка, исто така компјутерџијка, дека спиела со новинар за да добие позитивна критика за нејзина нова игра. Постот стана епицентар на „Гејмергејт“, мизогинистичка кампања во која поголем број главно бели мажи почнаа да напаѓаат девојки и жени во гејмерската заедница. Според некои проценки, во септември и октомври 2014 биле испратениповеќе од 2 милиона пораки со хаштагот #gamergate. Мејнстрим медиумите, со оглед на обемот на дискусијата, го сфати ова како сериозна дебата, во која требаше да бидат сослушани двете страни.
Анализирајќи ја улогата на социјалните медиуми во политиката изминатите неколку години, токму лажните вести на Гејмергејт, а не активистичкиот идеализам на Евромајдан се оние кои го одредуваат тонот. Но ова, наместо посакуваната демократија, според многумина промовира мобократија, поттикнувајќи армија пишувачи на лажни вести, „тастатурна армија“ која има за задача да дисеминира такви нарации кои им одговараат на оние кои плаќаат. Ова резултира со кампањи на дезинформација и политичка култура која главно не е засекирана за вистината. Ова, според анализа на Економист, како стаорец во канализациска цевка, ги има однесено социјалните медиуми во мрачни предели.
Социјалните медиуми се механизми за зграпчување, задржување, манипулирање на вниманието кои денес се без конкуренција. Јирген Хабермас, познатиот германски филозоф, уште пред години сугерираше дека истовремено со процесот на дестабилизирање на авторитарните режими кое би можело да се случи со развојот на социјалните мрежи, тие ќе овозможат ерозија на јавните сфери во постоечките демократии. Сега неговите ставови веќе не се осамени - голем број стручњаци алармираат дека дигиталните технологии ја инхибираат нашата способност за критичко политичко мислење, а како спас за демократијата предлагаат реформа на нашата „економија на вниманието“.
Уште во 1971 економистот Херберт Сајмон напишал: „Она што информацијата го конзумира е прилично очигледно: таа го конзумира вниманието на нејзините корисници“, додавајќи дека „богатството од информации предизвикува сиромаштија на внимание“.
Социјалните медиуми денес прават револуционерен чекор во оваа насока, и тоа на два начина. Првиот е квантитативен - новите услуги и апарати имаат пенетрирано во секое ќоше на животот, цицајќи од нас се повеќе и повеќе време. Вториот е квалитативен - можноста за споделување нешта со светот од луѓето прави поактивни барачи на внимание, и ова ја има фундаментално променето динамиката на тоа на што и колку пружаме внимание.
Ако ова не е убедливо, еве ја поразителната статистика: возрасните Американци кои користат Фејсбук, Инстаграм и УатсАп минуваат околу 20 часа месечно на овие три сервиси. Американците си ги допираат мобилните во просек ПОВЕЌЕ ОД 2600 ПАТИ ДНЕВНО (некои од корисниците дури и двојно од тоа). Населението на Америка прди околу 3 милиона пати во минута. Но лајкува постови на Фејсбук околу 4 милиони пати во минута.
Во просек содржините се „читаат“ само неколку секунди. Но ова и не е толку важно на ниво на одредена информација, туку генерално. Природата или значењето на содржината воопшто не е важна се додека предизвикува внимание, а токму таа е онаа која и ќе се сподели. Луѓето не споделуваат содржини само затоа што тие се информативни - тоа го прават и затоа што сакаат внимание за себеси, и заради тоа што кажуваат споделените содржини за нив. Сакаат да бидат видени и чуени, секако и почитувани. Сакаат нивните постови да бидат лајкани, ретвитани. Виралноста, која вообичаено е патолошка особина, во овој свет е нешто што (се) наградува. Да шириш вируси е доблест.
Професионалци, но и куп аматери, веќе го имаат пробиено „кодот“ на ваквите содржини, со секое постирање адаптирајќи ги така за тие што подобро да ја обезбедат илузијат ана објективноста и да ги потврдат верувањата на корисниците. Ова создава „екосистеми“ кои се симптом на поларизации од различен тип. Кога треба ваквите медиумски екосистеми да се ставаат во улога на пропагатори на одредена политичка опција во тоа помагаат различни алатки. Хуморот е една од нив - добро се шири, прави разлика помеѓу инсајдери и аутсајдери. Сепак, најдобра алатка е гневот, затоа што се потхранува самиот себеси. Споделениот гнев го засилува личното чувство, а недостатокот од него покажува дека не припаѓаш на одредена група или кауза. Важи и обратното - постирање на содржини во „непријателскиот“ табор за кај нив да предизвикаш нервоза и гнев, тролање како начин за предизвикување внимание.
Отелотворување на сите наведени механизми е никој друг туку самиот Трамп. Тој е олицетворение на денешната состојба со економијата на вниманието - чита колку што е можно помалку, ги добива информациите главно од кабелска телевизија, ретвита со минимална критичка свест, отворено навредува и поттикнува гнев на другата страна, а неговиот хумор јасно покажува на кој табор му припаѓа.
Чарето од ваквата ситуација се бара во поголемата транспарентност на компаниите кои стојат зад најпопуларните социјални мрежи. Други го гледаат во поп-ап пораки со предупредувања во смисла на „Дали навистина сакаш да го споделиш ова? Оваа вест се покажа како лажна“. Пренасочување на луѓето кон повесели и спокојни теми откако прочитале доволно такви кои се негативни и агресивни. Германија од октомври воведе казни за говор на омраза или негирање на холокаустот - доколку ваквите содржини не се отстранети од социјалните мрежи во рок од 24 часа тие можат да се соочат со казни од 50 милиони евра. Сепак, самиот обем на содржини, повеќе од 500.000 коментари секоја минута на Фејсбук, го прави спроведувањето на ваквите политики речиси невозможно.
Како што пишувавме тука Гугл веќе планира ангажирање армија луѓе за проверка и модерирање на содржината на видеата на Јутјуб. И ова е добрата вест, но лошата е дека тој не планира да вработи нови луѓе туку да ангажира дел од веќе вработените. Иако позитивни, овие обиди за контрола и моделирање во поинаков правец се прилично бавни и неефикасни во споредба со другата страна на приказната - како да сакаш да изгасиш шумски пожар со бокал вода. Како и со претходните технолошки пронајдоци, процесот нема да биде лесен, и тој ќе го трансформира, барем делумно, токму она што сака да го зачува, пишува Економист.
Претходно: „Како да станеш индивидуа во доба на одземено внимание“ од Метју Крафорд (Букбокс читанка)