Дали се препотувате пресметувајќи проценти без калкулаторот на мобилен? Дали знаете само половина од таблицата за множење, а остатокот го пресметувате со собирање (пример 7х5=35 ама за 7х6=35+7)? Ако да, не очајувајте, затоа што сте во добро друштво. Еве некои од најпознатите научници и инженери кои имале проблем со бројки.
Мајкл Фарадеј, роден во 1791 како син на ковач се смета за „татко на електричната струја“. Тој го направил првиот електричен мотор и првиот електричен генератор. Го измислил и првиот гумен балон (како оние кои ги дуваме за родендени), а ги поставил и темелите за технологијата на фрижидерите.
И покрај сето ова, Фарадеј имал многу малку формално образование, а не бил талентиран многу ни за математика. Во 1846, тој коректно забележал дека видливата светлина е облик на електромагнетна радијација. Но бидејќи ова тврдење не можел да го поткрепи со математички доказ, неговите колеги го игнорирале. Шкотскиот физичар Максвел ги испишал равенките кои ја потврдиле оваа теорија, но дури 18 години подоцна.
Чарлс Дарвин ја мразел математиката. Во својата автобиографија напишал дека додека студирал на Кембриџ „имал обид“ да ја научи, ама тоа тешко му одело. Морал да земе и приватен тутор но ни тоа не помогнало. „Целата работа ми беше одвратна, главно затоа што не гледав никаква смисла во раните чекори во алгебрата. Нетрпението ми беше многу глупаво, и после многу години длабоко зажалив што не успеав барем нешто да сфатам од големите водечки математички принципи, бидејќи луѓето кои ги познаваат изгледа како да имаат дополнителен сенс за нештата“.
Александар Греам Бел имал мешана врска со математиката. Според неговиот биограф Роберт В. Брус, изумителот на телефонот уживал во интелектуалната вежба во текот на решавањето на некоја математичка задача, но тоа бргу му здодевало и не секогаш издржувал до финалното решение откако еднаш ќе го совладал методот. Токму затоа неговите оценки по математика во текот на школувањето биле потпросечни.
Како студент, Томас Едисон се обидел да го чита фамозното дело на Њутн, „Математички принципи“, но тоа му оставило доживотна траума за математика од која никогаш не се опоравил. Бидејќи не знаел ништо од повисока математика, тој се потпирал на нумеричкиот гениј на Чарлс Протеус Штајнмец, кој бил задолжен за математиката во Џенерал електрик, компанијата на Едисон. „Секогаш можам да најмам математичар“, било неговото објаснување, „но тие не можат да ме најмат мене“.
Еволутивниот биолог Е. О. Вилсон во својата книга од 2013, „Писма до еден млад научник“ открил дека почнал да учи повисока математика дури како 32-годишен, кога веќе бил редовен професор на Харвард. „Ми беше непријатно да седам на часови со додипломци, кои беa многу помлади од мене. И не само тоа, меѓу нив имаше и такви кои го имаа одбрано предметот еволутивна биологија кој го предавав. Си ја проголтав гордоста и научив калкулус, иако никогаш не добив висока оценка“.