Финансиските невољи на Твен почнале рано - неговиот татко купил илјадници хектари земјиште во Тенеси, инвестиција која на неговите деца можела да им обезбеди релативно сигурна иднина. Но Твен сакал нешто повеќе од „релативно сигурно“. Фатен среде иновативната атмосфера на индустрискиот 19 век, тој почнал да развива различни шеми за инвестирање. Уште како тинејџер, во 1856, читал за животот во Амазонија, и бил убеден дека листовите кока, кои ги џвакале Инките, со оглед на нивните својства би можеле да направат „бум“ на американскиот пазар. Тргнал на импулсивно патување за Бразил, стигнал до Њу Орлеанс, и таму открил дека не постојат бродови кои одат до посакуваното место, „барем не во овој век“.
По пет години заминал за Невада, каде со пријател живеел во шума, надевајќи се дека на тој начин ќе ги обезбеди правата за нејзино сечење. Тоа можеби и ќе се случело, доколку Твен не запалил оган кој прераснал во пожар и ги уништил сите дрвја. Потоа почнал со нешто што (божемски) подобро го разбирал - додека пишувал за списанието Територијал Ентерпрајз ги рекламирал богатите шпекуланти со акции, а за возврат тие му давале лукративни сертификати. Односно тие требало да бидат такви, доколку не се случел крах на берзата кои тотално му ги обезвредниле акциите. Видел-не видел, се преселил во колиба во напуштен град со соодветно име, Џекес Хил.
И во сето ова имало нешто добро - целата ситуација го охрабрувала да пишува. Еден жител на истот град му ја кажал приказната која подоцна станала „Славната скокачка жаба од округот Калаверас“, неговата прва книга објавена во 1867 (за која пишувавме во „Колку далеку скока жабата од расказот на Марк Твен?“) Во тоа време велел дека книгата ја напишал само за да се рекламира и за евентуално да заработи за да почне да се занимава со друг бизнис (а никако да продолжи со пишување). Сепак домашниот есап се покажал погрешен - наскоро почнал да заработува како хуморист и новинар, а не пречело и што се оженил со богата сопруга и се преселил во елегантниот Хартфорд во Котенктикат. И штом допрел пари, повторно почнал да прави глупости.
Една од нив, на пример, било вложувањето 5.000 долари во нешто наречено „Вејпорајзер“ - мотор или некој вид печка која наводно можела да извлече 99% енергија од пареата од кило јаглен. Всушност тоа било парче ѓубре креирано од шарлатан и алкохоличар, од кое Твен не видел ни долар приход. Потоа вложил во Каолотип, процес на гравирање кој требало да ги замени сите дотогашни начини на кои се правела таа работа. Во тек на неколку години вложил 42.000 (денешни 953 илјади) долари во целиот проект, кој се покажал само како уште еден од неговите неуспеси.
Фала Богу, Твен никогаш не спаднал на просјачки стап, а сите нешта со кои се занимавал го инспирирало за градење ликови на луѓе кои пробуваат нешто лудо, не успеваат, си се смеат на самите себе и продолжуваат понатаму. Исто како и тој, кога ќе му пропаднела уште една пирамидална шема, или инвестиција во ветар и магла.
Извор: Њујоркер