Ниту една од 1.000-те страници од книгата „Осум милиони примероци на Моби Дик или Китот“ од Николас Мугаверо не содржи зборови, туку сивкасти текстури - две шари што наликуваат на ткаенина и се повторуваат без никаква промена. На прв поглед изгледа апсурдно, но насловната страница дава клуч: таа е внимателна реплика на оригиналната корица на Мелвиловата „Моби Дик“, со ист распоред, фонт и дизајн, само со таа разлика што наместо асли издавач стои само „PDF“. Тоа е сигнал дека ова не е обична омаж-книга, туку интерпретативна имитација — обид повторно да се напише „Моби Дик“, но од перспектива на самиот кит.
Првото читање наликува на циклус на забуна и опсесија: „Каде се зборовите?“, „Дали овие шари се бранови?“, „Сите страници ли се исти?“ - прашања што постепено се претвораат во внатрешна трка да се пронајде некаков знак на промена, некој таен код. Но, ништо не се менува. Со секоја нова страница, станувате сè посигурни дека мора да продолжите, дека токму следната страница ќе открие нешто ново. Но до самиот крај нештата остануваат исти.
Тогаш доаѓа „кликот“: ние самите сме станале капетан Ахаб, опседнати со потрагата по смисла што постојано ни се измолкнува. Текстот е китот - предмет на желба, но и извор на фрустрација. Читателот, обидувајќи се да го совлада текстот, всушност ја губи контролата и станува дел од експериментот што го смислил авторот. Мугаверо го става читателот во позиција на „ловец на смисла“ кој не може да се откаже, дури и кога очигледно нема што да улови.
Ова не е книга во класична смисла, туку уметничка перформанс-рефлексија, психолошки експеримент за тоа како функционира нашата потреба да најдеме значење, да дешифрираме код, да победиме во играта со текстот. Наместо да ја коментира „Моби Дик“, Мугаверо нè вовлекува во неа, терајќи нè да се соочиме со сопствената гордост и опсесивност. На крај, како и кај Мелвил, китот победува.
За книгата тука
извор и фала на Борис за линкот