Жабата од видот Rana catesbeiana, која живее во краиштата спомнати од Твен, според научното списание Smithsonian Contributions to Zoology, има скок од 1,295 метри. Но според Гинисовата книга на рекорди во 1986 некоја жаба наречена Роузи Рибетер од истиот вид скокнала 6,55 метри во три скока. Поделено со три, барем еден од овие скокови би требало да изнесува 2,18 метри. Ова на зоолозите им е важно затоа што подолгиот скок за овој вид жаби значи дека тие би морале да го изведуваат со помош на еластична тетива која би им дало дополнителна сила при скокањето - нешто што тие сметаат дека кај овие жаби е загубено во текот на еволуцијата, на сметка на подоброто пливање.
За да го проверат ова истражувачите присуствувале на саемот Годишниот жабоскокачки панаѓур во Калаверас, 200 километри источно од Сан Франциско. Секој може да учествува, да изнајми жаба и да се обиде да ја мотивира што подалеку да скокне. Токму тука Рози го поставила спомнатиот рекорд. Имињата на жабите се прилично креативни - обично има неколку Кермити, но и по некој г-дин Лигавко, а луѓето чии жаби се натпреваруваат даваат сè од себе да имитираат предатори, и на тој начин да ја исплашат жабата. Истражувачите од Универзитетот Браун ги снимале сите скокови и потоа ја измериле должината на секој од нив. Она што се покажало е дека речиси сите се подолги од 1,295 метри, а некои од нив покривале и 2,2 метри во еден скок.
Заклучок: мерењата на скокањата на жабите во научната литература се можеби погрешни бидејќи се одвиваат во - лабораторија. И целото истражување не е толку интересно заради некакви жаби и нивните тетиви, туку затоа што по кој знае кој пат покажува дека кое и да е истражување, доколку не се соочи со реалниот свет, може да прикажува искривена слика за истиот. Ова е еден од оние случаи кога Марк Твен, но и населението на округот Калаверас, имале подобри сознанија од кој и да е научник, кој мери жабешки скокови исклучиво во лабораторија.
А дека Твен бил по малку опседнат со овие суштества говори и оваа негова позната изрека: „Ако треба да изедеш жаба, најдобро е тоа да го сториш рано наутро. Ако треба да изедеш две жаби, најдобро е да ја изедеш прво поголемата".
А ако треба да се натпреваруваш на жабоскокачки саем, гледај жабата да не биде лабораториска.