Во средината на 18 век, Џон Граунт, „таткото на англиската статистика“, тврдел дека десетици млади жени во Лондон умирале секоја година од т.н. зелена болест. Овој поим, познат и како хлороза или „болест на девиците“, не треба да се меша со современата употреба на истиот термин во ботаниката, која се однесува на жолтеење на лисјата поради недостиг на хлорофил. Името потекнува од грчки збор што означува бледило или жолтозелена боја.
Во тоа време се верувало дека девојките умирале од оваа болест поради недостаток на сексуална активност. Луѓето биле засрамени да ја именуваат причината, па Граунт во својата табела ја навел како резултат на „проблеми со желудникот“, иако „помеѓу редови“ објаснил дека станува збор за зелената болест, иронизирајќи дека „светот верува дека бракот ја лекува, па греота е некоја девојка да умре неизлечена“.
Зелената болест била толку позната што често се споменувала во театарот и политичката сатира. Најпознат пример е во „Ромео и Јулија“, кога стариот Капулет ја нарекува својата ќерка „green-sickness carrion“ (труп заболен од зелена болест) – навреда што се однесува на нејзината бледа, „болна“ појава.
Првично, оваа болест била сметана за исклучиво женска. Германскиот лекар Јохан Ланге во 1554 година опишал пациентка со „бледи образи, забрзано срце при најмала активност, одбивност кон храна и отечени зглобови“. Во 1603 година, Родриго а Кастро, тогаш познат лекар, ја нарекол „болест на девици“, „бела треска“ или „љубовна треска“, забележувајќи дека најчесто се јавува кај „млади, убави жени“. Според него, тие имале „тесни крвни садови“ што не можеле да ја исфрлат „лошата крв“.
Во едно сатирично дело, по повод погубувањето на војводата од Монмут во 1685 година, анонимниот автор се пошегувал: „Но зелените девојки можат да се пофалат - војводата ги излечи, и тоа по висока цена“. За калуѓерките, кои немале можност за „лечење преку брак“, препорачувале пуштање крв или клизма. Подоцна, болеста се користела и метафорично – дури и за мажи. Во Хенри Четврти, Фалстаф зборува за младите воздржани принцови кои паѓаат во „машка зелена болест“.
Историчарката Хелен Кинг забележува дека поимот „зелена болест“ се појавува во медицинската литература сè до 1920-тите, но денес е целосно исчезнат. Веројатно се работело за социјален или културен конструкт, користен за да се опише меланхолично или бунтовно однесување кај млади девојки што не сакале да се омажат.
Сепак, дел од симптомите личат на анемија, која и денес е честа појава. Можно е зелената болест да била рана, погрешно толкувана форма на анемија — иако тогаш лекарите ја сметале за последица на „запрени течности“ што можат да се „излечат“ само со брак или со сексуална активност.