
Во 1971 Бјорн Андресен има само 16 години и нестабилен дотогашен живот. Неговиот татко никогаш не бил идентификуван, а неговата мајка си го одзела животот кога тој имал 10 години. Го пораснале баба му и дедо му од мајчина страна, а образованието го стекнал по интернати.
Неговиот живот се сменил кога истата година Лучино Висконти го ангажирал во улогата на Таџо (нагалено од Тадеуш), полското момче со кого е опседнат главниот протагонист на романот на Томас Ман, односно истиоимениот филм, „Смрт во Венеција“. Кога Бјорн влегол во просторијата за аудиција во Стокхолм, Висконти веднаш знаел дека ја пронашол својата ѕведа.
По премиерата медиумите почнале да го нарекуваат Бјорн „најубавото момче на светот“. Но наместо да биде остварување на сон, искуството се претворило во извор на трауми и експлоатација - момчето станало сензација во медиумите и објект на возрасни желби за кои не било подготвено. Документарецот за него кој излезе во 2021 покажува како оваа улога му го променило животот во насока од која никогаш целосно не се опоравил. „Кога го гледам денес“, вели сега 70-годишниот музичар, „ми станува јасно како тоа копиле ме сексуализираше“. Режисерот го терал да го потврдува имиџот стекнат со филмот, со тоа што ќе оди во геј клубови, иако тој постојано изјавувал дека не е хомосексуалец и дека не се чувствува безбедно во таквата средина.
Но има уште еден помалку познат детал од оваа приказна. По ваквиот развој на настаните, Андресен сакал да замине некаде на подолго време, подалеку од Европа и се одлучил за Јапонија. Тој всушност станал еден од првите западни тинејџерски идоли во оваа земја. Неговото лице било насекаде - во реклами, во списанија. Го третирале како некакво божество. А потоа станал и лик во манги, со тоа што различни јапонски цртачи се обидувале да го доловат неговиот изглед, без оглед дали станувало збор за машки или за женски лик. Практично цела генерација манга карактери ја добиле истата етерична, феминизирана убавина инспирирана од него, која често ја имаат и денес - од младиот Швеѓанин кој не уживал во својата слава.