„Џин на британското филмско и театарско глумиште" - вака гласи испраќањето во повеќето медиуми на актерот кого најмногу го паметиме по играњето негативци, како во неговата прва филмска улога која ја добил на 41 година, како германскиот терорист Ханс Грубер во Die Hard или професорот Снејп во филмовите за Хари Потер. Неговата пак понежна страна ја покажа во романтичните Truly Madly Deeply, Sense and Sensibility и Love Actually.
Но театарските улоги биле оние кои најмногу придонеле во неговото етаблирање, особено онаа на Валмонт во „Опасни врски" во 1986, за која бил номиниран за наградата Тони. Негова партнерка од претставата тогаш изјавила дека публиката излегувала од театарот „сакајќи да има секс, по можност со Алан Рикман". Бил член на Rоyal Shakespeare Company, и играл и во модерните и во класичните театарски продукции на оваа трупа.
Се пробал и како режисер, а неговата претстава „Моето име е Рејчел Кори", составена од мејлови на студентка која била убиена од булдожер додека протестирала против дејствата на израелските сили во Газа, добила и престижни награди.
Предизвик му биле и страничните ангажмани, како во ова видео за песната In Demand на Тексас, во кое игра танго на бензинска и изговара неколку стихови:
Бил и „мајстор на церемонијата" на албумот Тубулар Белс на Мајк Олдфилд, на којшто ги чита сите инструменти кои биле употребени при неговото правење.
Рикман бил политички активен целиот живот, а се опишувал како „роден со членска карта од Лабуристичката партија". Неговата сопруга е советник на Лабуристите, а тие двајца се зеле дури во 2012 иако биле заедно од 1965. Руменеел кога го прогласувале за еден од најсекси мажите на планетата, особено заради специфичната „вокална интерпретација“ - совршениот човечки глас според истражување на лингвисти (очигледно правено од Британци) е мешавина на оние на Рикман, Џереми Ајронс и сер Мајкл Гамбон.
Во интервјуа често го прашувале дали се секира што не добил Оскар. Неговиот одговор -
„Не добиваат актерите награди, туку улогите. Актерите се променливи. Филм, претстава, парче музика или книга може да направи разлика. Тие можат да го променат светот".
Еден од колегите коj се прости од него беше Стивен Фрај, кој напиша: „Човек со неверојатен талент, палав шарм и маркантен, како на екранот така и на сцената. Ќе ни недостасува".
Во негова чест, сите сцени со Снејп по хронолошки редослед