Синан Гуџевиќ: Моите спомени за Богомил Ѓузел

Смртта го зема и поетот Богомил Ѓузел. Во Скопје во четвртокот, 22 април 2021, Јовица Ивановски и синот на Богомил, Борјан, ми кажаа дека бил болен, па добил преплет на црева, па имал тешка операција, а во мачното опоравување се заразил и со вирусот корона, па од овој свет заминал и со таа мака. Погребан е утредента, крај својата сопруга Лилјана Дирјан, на североисточната падина на големите гробишта Бутел. Од тој петок јас морам да запишам дека повеќе од половина моја Македонија спие во земјата на гробиштата Бутел. (...)

Сакам од заборав да сочувам неколку спомени лични, сосема лични, кои ги доживеав со него.

Богомил и Лиле ги запознав истиот ден, при крај на август 1978 во Струга на Струшките вечери на поезијата. Златниот венец за живот во поезијата таа година го доби Рафаел Алберти. Богомил и Лиле тогаш, како што се вели, љубовно проодеа. За мене, така, тие отсекогаш беа заедно, како што во елегиски дистих заедно се хексаментарот и пентаметарот: хексаметарот беше тој, пентаментарот таа. Кога еднаш им го кажав тоа, во станот на Билјана Јовановиќ во Белград, Билјана рече дека тоа е малку „препрецизно“, па го поправив исказот: Богомил е Тихиот океан, а Лиле е вулкан океански. Билјана рече дека тоа пак сега е „преќерано“. Кога предложив таа сама да ги означи, рече: „Лиле е lile, а Богомил е güzel, и гледаш дека Ѓузел е - güzel!“. Така Билјана често си играше и се шегуваше, а така рече и тогаш кога кај неа се запивме и дознавме дека тој ден му бил роденден на Богомил. Кога за да му честитам почнав да му ја пеам севдалинката „Што би била ѓузел ѓула/да јој није бисер росе“, Билјана ми рече дека мене ми е секако подобро да преведувам и да пишувам отколку да пеам. Ете, животот можеби не е метар, а дали е ритам, тоа останува да го докажуваат идните поколенија.

Ѓузел, то ест güzel на турски значи убав. Така Богомил одбрал да се презива. Име дактил, презиме трохеј, сочинет од турски јамб. А можело и обајцата да бидат по дактил, да останал со презимето на својот татко: Ѓузелов. Ни со татковото презиме немаше сè да биде еднакво: бил и Ѓузелев, Ѓузелов, Гюзелевъ, Ђузеловић, Ђузелевић, зависно од времето и од политичките прилики. Таткото се викал Димитар, и со својата судбина го одбележал животот на Богомил повеќе отколку кој и да е друг.

Димитар Христов Ѓузелов бил првиот македонски доктор по филозофија. Докторирал во Загреб во 1943, на филозофскиот факултет кој тогаш се викал „мудрословни“. Извештајот според кој е прифатена дисертацијата ја напишале професорите Владо Пез и Владимир Филиповиќ. Дисертацијата носи наслов „Прагматистичката критика на умот на Шопенхауер“. До името на авторот стои: професор, началник на Радио Скопје. Дисертацијата е објавена во 1943, во издание на Хрватската државна печатница во Загреб. Текстот е уреден според тогаш важечкиот правопис во НДХ. Можеби објавувањето на таа брошура од 80 страници била капката која ја прелеала чашата во пресудата на Воениот суд од 1945, Димитар Ѓузелов да се осуди на смрт со стрелање. Велам, можеби, не дека било така.

Богомил, на кого татковата смрт му беше и животна рана и лузна, еднаш ми рече дека Димитар можеби би бил стрелан „и вака и така“. Обвинет е и осуден за соработка со окупаторите. Гробот не му се знае. Богомил ми раскажуваше како Димитар уште во младоста бил жесток противник на српската окупација на Вардарска Македонија, и дека во 1927, како првообвинет член на Македонската млада тајна револуционерна организација (ММТРО) на славниот Скопски студентски процес бил осуден на 20 години затвор. Отслужил четири години, па е пуштен, но морал да потпише дека никогаш нема да се врати во Македонија. Протеран е од неа и тоа токму во Србија, каде ќе работи како наставник по филозофија, француски, латински и германски, најпрвин во Кикинда, па во Краљево, па во Чачак.

Во Чачак, на 9 февруари 1939 се родил Богомил, трето дете на Димитар Ѓузелов и Донка, моминско Иванов. Пред тоа се родени Богдан и Лилјана, двајцата во Србија. По априлската окупација на Југославија во 1941 Ѓузелов со семејството се враќа во Скопје, каде во 1942 е именуван за раководител на Радио Скопје. Македонија тогаш е дел од Бугарија, а Ѓузелов во младоста бил пробугарски ориентиран. Богомил во два наврата ми ги раскажуваше своите сеќавања на зимата 1944/45, кога татко му бил во затвор. Незаборавна ми остана приказната за група германски заробеници кои купуваат теле и потоа насред Скопје прво го убиваат со секира, па го колат со нож, па го дерат и ги продаваат внатрешните органи. Сето тоа пред собраните деца. Пред пет години, по вечера во куќата на Роберт Алаѓозовски и неговата сопруга Билјана Ставрова, ми раскажа како Димитар Чкатров го спасил славниот тренер, унгарскиот Евреин Илеш Шпиц од депортација во Аушвиц. Рече, помеѓу другото, дека Чкатров е погубен заедно со неговиот татко. Двајцата Димитровци се стрелани како државни непријатели, на обајцата не им се знае гробот. За татко му зборуваше мирно, сето она што го знаеше. Никакво антисрпство или антијугословенство немаше во Богомил, кој останал сираче од прејакото српство и југословенство. Кога во првите денови од ноември 2013 бевме во Стар Дојран му покажа на нашето друштво (Предраг Луциќ, Мијо Поповиќ, Еди Матиќ, Елизабета Шелева, Јовица Ивановски, Роберт Алаѓозовски, Лилјана Дирјан) планините во Грција, зад кои во Македонија дошле неговите предци од таткова страна. Самиот татко бил роден во Дојран, а се школувал во Штип и Скопје. Во своето име и презиме куќата Ѓузел го чувала балканско-анадолскиот простор.

Богомил за сè зборуваше мирно, прибрано и природно, како човек од драмата и драматургијата владееше со слушателите. Ништо не мистифицираше, беше едноставен и ненаметлив, оној кој не го познаваше не можеше ни да претпостави дека зад таквата едноставност се крие најдобриот преведувач на Шекспир, Елиот, Оден, Киплинг. Го сакав неговото полно македонско л, едвај чекав да го изговори.

При еден престој во Скопје побарав за синот да купам два дреса, еден од Вардар, друг од македонската репрезентација. Поради тоа малку и задоцнив на вечера дома кај Богомил и Лиле. Штом стигнав, прво што ми рече Богомил е да му покажам што сум купил. Кога виде, отвори врата од една соба, ми покажа да влезам, па ги извади маиците и ја облече онаа од репрезентацијата а мене ми ја пружи онаа од Вардар. Во трпезаријата втрчавме во дресови дочекани со аплауз од друштвото од кое само Елизабета Шелева е жива. Лиле, Даша Дрндиќ, Војка Смиљаниќ-Дикиќ, Вера Чејковска, заминаа од овој свет. Сега замина и македонскиот репрезентативец, академик Ѓузел.

А еднаш подоцна, при враќањето од пат во Стар Дојран, застанавме во Валандово, во некој кафич, да гледаме натпревар Ц. Ѕвезда - Партизан. За време на полувремето Богомил и Роберт Алаѓозовски ми раскажуваа за Јуруците, номадско сточарски народ кој живее во планините на источна Македонија. Многу интересен народ, рече поетскиот номад Ѓузел. Кога ќе дојдеш следен пат, одиме таму со Роберт, рече. Тука им раскажав дека во мојот роден крај постои израз „Јуруче еден“, и мајките со него ги караат децата кога ќе се вратат извалкани дома. Во сточарските краишта со имиња на други сточарски племиња се караат сточарските деца. Мене и тогаш и сега тоа ми личеше на ликовите од Богомиловата песна „Инволуција“:

Мислиме дека сме актери на сцена
па затоа везден се караме
кој кого игра и кој што е

но што ако таму во мракот
зад осветлената рампа
нема никој и ништо да ја гледа

нашава гротеска, не драма?
А ние, еве, очекуваме
аплауз

Па и едно „Уа“!
е подобро
од штамава

автор: Синан Гуџевиќ

извор

4 мај 2021 - 14:37