Во Сараево во 1984, во тек на Зимските олимписки игри, Елвис Џ. Куртовиќ и неговите Метеори изведоа обработка на песна на Боб Дилан, Maggie's Farm, во загушливо подрумче пред околу 300 фанови на панк-рокот. Сепак, тие не ја отсвиреа Дилановата верзија, туку сопствена варијанта. Тие всушност пееа, на многу брутален начин кој требаше да биде неприфатлив за комунистичките власти, за тогашната премиерка на Југославија, Милка Планинц.
Тоа беше брилијантна замена на идентитети, која му се потсмеваше на југословенскиот режим и на неговата идеологија, додека истовремено си поигруваше со формата и со содржината на троминутната панкерска песна. Таа би можела да биде вклучена во која и да е глобална антологија на протестен панк, иако уредниците би морале прво да се запознаат со овој чуден сараевски бенд кого го водеше Мирко Срдиќ, тогаш 22-годишен студент по инженерство, еден од најлуцидните и најбистрите автори на југословенската сцена.
Во нивната верзија на песната, Елис Џ. Куртовиќ и неговите Метеори ја обвинија Планинц, која цело време ја нарекуваат Маргарет Тачер, за неспособност и корупција на Косово, тогаш бунтовнички расположена покраина во Југославија. Доколку некој новинар би се обидел да објави нешто слично би завршил во затвор и засекогаш би му било забрането да работи за југословенските медиуми. Некој обичен граѓанин да изговорел нешто такво во кафана или во трамвај, во најдобар случај би го испитувала полиција заради „ширење лажни вести и вознемирување на јавноста“. Но, ова е песна која говорела за Маргарет Тачер. Полицијата и Сојузот на комунисти се преправале дека песната навистина била за Тачер - и ништо не презеле.
Пaнк-рокот рано се појавил во Југославија. Панкерски бендови веќе постоеле во 1977, кога Клеш го објави својот прв албум во Велика Британија. Првиот голем панк концерт, колку што се сеќавам, беше во Пула, на 22 март 1978. Набргу потоа почнаа да се појавуваат првите албуми на бендови како Панкрти од Љубљана (на словенечки: Копилиња). Овие плочи ги објавуваат државните компании, кои беа под одреден вид неформална но сепак присутна партиска цензура.
Од аспект на режимот овие бендови имаа многу проблематични стихови. Ја напаѓаа полицијата, власта и самите темели на комунистичката идеологија. Сепак, нивните песни се објавувани без никакви пречки. Причината е едноставна - беше помалку опасно нешто да постои во излозите и на сцените на партиските Домови на култура, отколку во подземјето, и да подготвува завера против режимот. Тоа беше стратегијата на водачите во тогашното време, а таа група ќе стане уште полиберална по смртта на Тито.
Сепак, за нас во Југославија не беше сè како во Њујорк или Лондон. Југословенскиот панк се базираше на побуна, додека младешкиот ескапизам, кој карактеризираше некои делови на панк сцената на Запад, беше сосема отсутен. Панк рокот во Југославија се појави и се развиваше на начин кој го навредуваше режимот и сето она - или скоро сето она - во што веруваше генерацијата на нашите родители. Вештината се состоеше во пишување песни кои ќе бидат повеќе против режимот од претходната, но која нема да биде цензурирана. Постоеше само една тема која беше недопирлива: Тито. Сето останато беше дозволено. Можеше да се пее, повеќе или помалку отворено, против сè, па дури и против самиот комунизам.
Некои од овие песни личеа на дневнополитички коментари. Во текот на големиот штрајк во Гдањск, Полска, каде работничкото движење Солидарност, кого го предводеше електричарот Лех Валеса, тукушто се формираше, загрепскиот бенд Азра ширум Југославија ја изведуваше песната под наслов „Полска во моето срце“. Таа ги опишуваше актуелните збиднувања, се бунеше против СССР и дури го спомнуваше папата Јован Павле Втори. Советската амбасада во Белград спрати протестна нота заради песната, но таа не беше забранета. Снимена е во Југотон, тогаш најголемата и највлијателната дискографска куќа во земјата.
Идеологијата на југословенскиот панк се сведуваше на антикомунизам, свесно или не. Тука повторно забележуваме интересен парадокс: зошто комунистичките власти ѝ дозволиja на антикомунистичката младешка алтернативна култура да процвета? Да, тоа беше корисна оддишка за младешката бунтовност. Нo другата страна на одговорот на ова прашање стана јасна дури некоја деценија подоцна.
Југославија се распадна во текот на 1990 и 1991 и етнонационализмот го замени комунизмот. Стариот свет се самоуништи одвнатре, а довчерашните комунисти, директорите на тајни агенции и централни комитети, молскавично ја зграбија моќта во бившите југословенски републики и се трансформираа во националисти и екстремни десничари. Истите луѓе кои во осумдесетите свикуваа партиски состаници за да дискутираат за антикомунистички екцеси, а кои во деведесетите ја презедоа контролата над новонастанатите држави, покажаа дека никогаш не им било до антикомунизам, туку само до моќ.
Панкот и музиката на новиот бран во Југославија на почетокот на осумдесетите беше единствен феномен во комунистичкиот свет. Во останатите земји од источна Европа, со делумен исклучок на Полска, панк-рокот вистински се појави дури по падот на комунизмот. Руските панк-рокери, особено девојките од Пуси Рајот, се побунија против конзервативизмот и против Путин во време кога комунизмот беше одамна исчезнат. Панк рокот пристигна во Русија, како што нешто порано пристигна и во Унгарија, Полска и Чехословачка, како задоцнето ехо на нешто што одамна претходно се случуваше на Запад, и обично беше само имитација на американските и британските модели.
Така во тек на многу години се развиваше популарната и младинска култура и во самата Југославија. Но со либерализацијата на политичкиот режим, и со материјалното напредување на општеството и ширењето на средната класа, работите почнаа радикално да се менуваат пред крајот на седумдесетите. Само една година по прикажувањето на мјузиклот Коса во Њујорк, во 1968 тој е прикажан и во Белград, што беше темелен настан во југословенската популарна култура. Од белградското прикажување на тој мјузикл до југословенскиот панк-рок, па до падот на Југославија, работите главно се одвиваа истовремено со случувањата на Запад.
Додека во СССР и поголемиот број други источноевропски земји водачите и комесарите сакале контрола над културата, особено на популарната и младинската култура, како начин да ја задржат својата моќ, во Југославија комунистите им ја понудиле културата на своите граѓани, посебно на младите, како издувен вентил низ кој можеле да ги намалат општествени трауми, а кои исто така давале илузија на слобода. Едноставно кажано, спротивно на Брежњев во СССР, Тито не сметал дека младите луѓе со тапани и гитари ќе ја срушат државата. На крај се покажа дека бил во право.
Извор: Њујорк Тајмс