За Македонци би било дамбетер

Што кажуваат, а што навистина мислат Британците?

Ги знаете оние таблици со „преводи" на она што го кажуваат жените и мажите, во она што навистина го мислат? Оваа е направена врз основа на национална припадност, то ест на феномен познат како „британскост".

„Едно зборувам, друго мислам" е вообичаена човечка карактеристика. Но може да е и дел од менталитет, оној омразен термин на антрополозите, којшто иако знае да направи голема штета генерализирајќи особини кои не се за фалење, често содржи и ронка вистина.

Кога се во прашање Британците ваквата карактеристика е очигледно толку нагласена, што некој одлучил да ја претстави во таблица, со три колони. Во првата спаѓа „Што кажуваат Британците", во втората „Што навистина мислат Британците", а третата „Што разбираат останатите".

(клик за зум)

 

Така, британското „Тоа е многу интересно" всушност значи „Тоа е очигледна глупост", иако останатите Европејци можат да го разберат како „Ги импресионирав Англичаниве". „Би сугерирал.." значи „Направи го", додека другите го разбираат како „Размисли за идејата, но направи како што сакаш".

Очигледно ова е плодна почва за „губења во преводот" и културолошки недоразбирања кои можат да имаат и големи последици. Што ако Британец ти рече „Треба да дојдеш на вечера" а ти стварно му се појавиш на врата? Веројатноста е дека ќе си останеш гладен.

Сепак, можниот превод во локален контекст, на она што Македонецот го кажува, го мисли и што другите разбираат сигурно е многу посложен. Ако некој успее да направи ваква таблица, еве ќе ја објавиме. Ние некако не се осудуваме, затоа што однапред ни е јасно дека три колони со по еден ред нема да бидат доволни. Предлагаме интерактивно дијаграмско претставување во разни бои, во зависност од времето кога било нешто кажано, климатските услови, роднинско-пријателските односи на соговорниците, политичката припадност, како и на која нога е станат говорникот/чката.

12 ноември 2015 - 14:47