Деновиве многумина забележуваат дека претходните епидемии, на пример онаа на свински грип, не успеале да поттикнат поголемо финансирање на истражувања и генерална подготвеност на оваа тема. Некои повлекуваат паралели помеѓу влечкањето и одрекувањето на ширењето на КОВИД-19 со она поврзано со сидата, цитирајќи го бејзбол играчот Јоги Бера: „Пак имаме дежа ву“, иако станува збор за неколку дежа ву-а во едно.
Она што всушност недостасува е „клиоепидемиологија“. Наречена според Клио, музата на историјата, таа го опишува истражувањето на информации од минатите епидемии како основа за преземање мерки во сегашноста. Зошто сме толку лоши во оваа работа? Нели е логично ако некој минал низ грда епидемија да е по дефиниција барем упатен аматер на темата? Зошто никој не ги слуша овие луѓе? Или зошто тие не зборуваа погласно?
Според текст во Вајрд, најверојатно станува збор за импулс на (не)намерно бришење на меморијата на лоши минати настани. Историчарите тврдат дека медицинските лица кои биле во првите борбени редови во време на шпанскиот грип долго време потоа не сакале да зборуваат на темата. Трауматизираните преживеани си ги чувале спомените за себе. Можеби истото ќе се случи и со оваа епидемија, иако денес потребата и поттикот за споделување на искуства се многу поголеми и технолошки олеснети.
Џорџ Сантајана напишал: „Оние кои не можат да се сетат на минатото се осудени да го повторат“. И ова веќе се потврдува. Епидемијата на САРС од 2003 покажа, на пример, дека здравствените работници се најизложени на ризик, и дека тестирањето мора да се организира што е можно побргу. Па сепак, голем број држави доцнеа во преземањето мерки за заштита на своите доктори и медицински сестри, а истото важи и за тестирањето. Нашите спомени сепак не бледнеат само со текот на годините, туку во случајов и од месец во месец. Џорџ Гао, генералниот директор на Центарот за превенција и контрола на болести, во интервју за „Сајнс магазин“ од март изрази жалење што неговите колеги од САД и Европа не презеле превентивни мерки порано, поучени од кинескиот случај.
Останува да видиме дали овој прв бран на заразата ќе придонесе да бидеме поподготвени за следниот пат, кога и да биде тоа. Или повторно ќе се олабавиме, и ќе заборавиме на Клио и на нејзините лекции.