Голем број од санкциите кои се однесуваат на Русија, а се наметнати од САД и ЕУ, целат кон најбогатите поединци во Русија кои имаат врски со рускиот претседател Путин. На удар се нивните јахти, спортски тимови, весници и луксузни имоти. Постојано фрчат изјави на највисоки функционери на САД и европските држави кои во иста реченица ги ставаат руските олигарси и нивните корумпирани лидери.
Но зошто терминот за нивно опишување се разликува од оној кој означува кој и да е друг милијардер, без оглед дали тој има или нема матно минато?
Во Русија титулата „олигарх“ потекнува од 1990-тите, кога почна да се распаѓа СССР. Тогаш се случи приватизацијата на она што до тој момент претставуваше државен имот, и исто како и во голем број други држави (па и нашата бивша и сегашна) тука имаше разни манипулации и макијавелистички потези за приграбување на што е можно повеќе. Како резултат на новостекнатата сопственост, овие поединци натрупаа значајно богатство, што доведе до зголемување и на нивната политичка моќ. Тие прераснаа во „олигархија“ - модел на владеење, кој според речникот на македонски јазик е дефиниран како „политички и економски систем во кој севкупното владеење е во рацете на мала група луѓе“ (од старогрчкото oligos - малку и arkhein - владеење).
Така, првите модерни руски олигарси се појавија во времето на Горбачов и либерализацијата на пазарот. Во времето на Путин тој почна да се пресметува со дел од нив, гонејќи ги наводно поради неплаќање даноци и други илегални активности, но други пак уште повеќе ја зацврстија својата финансиска и друга моќ.
И не дека вакви матни врски помеѓу бизнисот, економијата и политиката нема во други земји. „Олигархијата“ е генерален термин со повеќе варијации. Аристократијата е исто така олигархија во која владеачката класа се состои од аристократи или благородници. Плутократија е олигархија во која владеачката класа е составена од екстремно богати поединци кои ги користат своите пари за да влијаат врз политиката и да заработат уште повеќе. Не секоја олигархија е по дефиниција е „лоша“ туку станува таква кога оние на позиции на моќ го ингорираат или намерно го прекршуваат законот - нешто што е историска и човечка тенденција на која предупредувале филозофи од Аристотел наваму.
При пребарување на тоа кои современи држави би можеле да се сметаат за олигархии, се наидува на интересни списоци, во кои освен Русија спаѓаат и Иран, Северна Кореја, Зимбабве, Украина, па дури и САД. Но колку често сте наишле на изразот „американски олигарх“? Во текст објавен во Њујоркер на 7 март, „Насочувајќи го вниманието кон американските олигарси“ се наведува дека санкциите кои се однесуваат на руските пари ги обновиле повиците за осветлување на темните ќошиња на поврзаноста на финансиите и политиката во САД. Па сепак, терминот е „позајмен“ и повторно асоциран со нешто руско.
Заклучокот е дека „олигарх“ не е неутрално обоен термин кој означува милијардер, кој е истовремено и (ваков или онаков) политичар, туку друг начин да се каже дека некој е од „лошите“. Поинаку звучи ако се каже дека е замрзнат имот на „олигарх“, а поинаку ако е замрзнат имот на „милијардер“, иако и првиот и вториот можат да имаат матно стекнати јахти, спортски клубови или медиуми.