„Чест“ е прилично неодреден термин, користен во различни контексти, од „чесно заработени пари“ до „да сториш чест некому“. Гробиштата се полни со луѓе кои загинале во одбрана на својата, или честа на своето семејство. Веројатно најдобриот опис на чест во англиската литература е говорот на Фалстаф во Хенри IV, каде вели: „Што е чест? Збор... Кој го знае? Оној кој умре во средата. Дали тој го чувствува? Не. Дали го слуша? Не.“. Фалстаф знае дека е неразумно да си го запустиш животот за еден збор - подобро е (можеби) да живееш како живо куче, отколку како мртов лав.
Па сепак, фактот што постои ваква метафора според која лавовите имаат чест, а кучињата ја немаат, веќе кажува нешто за тврдоглавото одржување на концептот на честа. На него се однесува нова книга, „Зошто е важна честа?“ на Тамлер Сомерс, филозоф од Универзитетот во Хјустон. Можеби не знаеме баш да ја дефинираме, но знаеме кога ја сведочиме. Чесно е да се биде храбар, принципиелен и да се поднесе жртва. Да се живее според кодекс кој ја става групата пред поединецот. Чувството на чест е суштинска одлика на која и да е елитна група, на идентитетот на нејзините членови на кои им е извор на гордост и посветеност, работи кои не се купуваат со пари.
Проблемот настанува кога ќе се судрат две или повеќе групи со исто чувство, ама за сопствената чест. Затоа што такво чувство можат да имаат и маринците на американската армија, но и членовите на ИСИС или криминалните банди. Едни мажи кои ја бранат честа на своите жени, наспроти други мажи и нивните чесни жени. За една група да ја ужива привилегијата на чесноста мора да постои аутсајдерска група која ќе биде сметана за спротивно од тоа - нечесна. Па дури и внатре одредена група има повеќе и помалку чесни: мажите се „чувари“ на честа на жените, аристократите имаат по чесно име од „обичните“ луѓе, зборото на еден војник тежи повеќе од оној на цивилот. Погледнато на овој начин, повеќето морални напредоци на модерните општества - од укинувањето на ропството до еманципацијата на жените - почнуваат да изгледаат како победи над еден старомоден идеал на честа. Но она што го заменило овој идеал можеби и не е баш толку идеално колку што изгледа, вели авторот.
Во 18 век традиционалните култури базирани на чест на Запад почнале да се менуваат, а главна вредност да станува човечкото достоинство. Но тоа, за разлика од честа, не мора да се заработи. Секој ужива (или треба да ужива) еднакво достоинство едноставно затоа што се родил. Сепак, според Сомерс ова е студен и апстрактен идеал, кој не ги мотивира луѓето да се борат против неправда. Тоа дава голем број причини да се воздржиш од правење лошо, но не инспирира херојско или исклучително однесување. Честа, од поттикнува независно дејствување, додека достоинството зависи од државен апарат кој ги заштитува нашите права (иако често не успева во тоа).
Вистината за предностите на честа и нејзините маани е некаде помеѓу обредните убиства заради зачувување на честа и крајната саможртва за зачувување на сопственото чувство на чест. Она што е сигурно е дека доколку не постои општествен консензус дека ваквата вредност е пожелна, а спротивните на неа не само непожелни туку и вредни за казна, тогаш чесните луѓе можат да очекуваат не пофалба, туку во најмала рака чудење, ако не и потсмев за нивните напори.