Писмо од нобеловецот до неговиот син-тинејџер

Штајнбек за заљубувањето

Нобеловецот и автор на „Источно од рајот", „Глувци и луѓе" и „Плодови на гневот" постхумно стана познат и по огромниот број писма кои ги испраќал на семејството, пријателите и на влијателни јавни личности. Едно од нив зборува за љубовта.

„Штајнбек: живот низ писма" (објавена 1989) е алтернативна биографија на славниот автор која содржи околу 850 негови преписки. Меѓу писмата е и едно кое му го испратил на неговиот син-тинејџер Том во 1958, како одговор на негова порака во која тој признава дека очајно се заљубил во девојка по име Сузана, со која учел (Том живеел во интернат). Еве што го советува неговиот мудар и нежен татко.

Њујорк
10. ноември 1958

Драг Том,

Прво - ако си се заљубил - тоа е убава работа - тоа е најдоброто нешто што може да му се случи секому. Не дозволувај некој да го потцени тоа.

Второ - има неколку видови љубов. Една е себична, злобна, алчна, егоистична, таа постои само заради самодокажување. Тоа е грда и осакатувачка љубов. Другиот вид е онаа љубов која го истура најдоброто од тебе - нежност, внимание и почит - не само заради некакво општествено запазување на манири, туку како признание дека некој друг човек е вреден и посебен. Првиот вид може да те разболи, да те направи мал и слаб, но втората може да поттикне сила и храброст и добрина, дури и мудрост која не си ни знаел дека ја имаш.

Но мислам дека ти не ме прашуваш што е тоа што го чувствуваш. Го знаеш тоа подобро од мене. Она што сакаш е да те советувам што да правиш во врска со тоа - и тоа и ќе го сторам.

Уживај во љубовта и биди задоволен и благодарен за неа.

Нејзиниот објект е најдобриот и најубавиот. Обиди се да му бидеш достоен.

Ако сакаш некого нема никаква можна штета во кажувањето дека тоа е така, само мора да запамтиш дека некои луѓе се многу срамежливи, и понекогаш таквата изјава мора да го земе тоа предвид.

Девојките имаат начин како да познаат или да го почувствуваат она што го чувствуваш, но истовремено сакаат и да им се каже.

Понекогаш се случува, заради различни причини, она што го чувствуваш да не ти е возвратено - но тоа не значи дека заради тоа е помалку вредно и добро.

Ќе ни биде мило да ја сретнеме Сузана. Ќе биде добредојдена. Но Илејн (жената на Штајнбек и мајка на Том) ќе го осмисли сето тоа затоа што тоа е во нејзин домен, и сигурно ќе ѝ биде мило. Таа исто така знае нешто за љубовта и може повеќе да ти помогне отколку јас.

И не се секирај околу тоа дали нешто ќе загубиш. Ако е вистинско, ќе се случи. Важното е да не се брза. Ништо што е добро нема да ти избега.

Со љубов,

Тато

15 декември 2014 - 10:38