Хиеронимус Карл Фридрих фон Минхаузен, германски благородник, се придружил на руската армија и учествувал во два похода против Отоманските Турци, за по враќањето дома да почне да склопува неверојатни приказни за сопствените авантури.
Фикционализацијата на овој лик почнала во 18. век кога биле објавени 17 приказни кои му се припишувале токму на овој благородник, кој пак бил длабоко вознемирен од тоа што јавноста почнала да го препознава како „баронот на лагата". Да бил жив тој сигурно би бил уште поскандализиран што во 1951 по него е наречен еден психијатриски синдром на „лажни болни".
И додека лажговците се множат, а техниките на манипулација стануваат сè пософистицирани, ликот и делото на симпатичниот и безопасен Минхаузен остануваат неправедно стигматизирани. Во чест на денов, една весела приказна за него, како пример на оние лаги кои знаат да бидат шармантни но и визионерски. А пак за оние кои отворено се спротивставуваат на лагите и нудат свои верзии на настаните, во расказов се промовира еден ефикасен метод - тупаница право в муцка.
ЧИСТЕЊЕ НА МЕСЕЧИНАТА
„Денеска, господа мои, пријатели и другари во ловот, ќе го чуете можеби најголемиот подвиг што сум успеал да го направам во текот на животот и за кој порано никогаш немам зборувано, а во астрономските книги на Персија е забележан како чудесно дело.
Неколку недели по нашето поаѓање во Ширас имав можност на шахот да му направам една извонредна услуга. Меѓу неговите најмили наклоности беше и речиси претераната љубов кон месечината, па една вечер, кога месечината сјаеше со полн блесок а ние, т.е. шахот и јас, шетавме горе-долу по ходникот што го имаа направено мирисни трендафили, при што шахот ми пееше една од прекрасните вински песни на покојниот дворски поет Хафис, одеднаш застана на половина збор и, фаќајќи ме за рака воздивна:
- Ех, погледни ја месечината! Види какви дамки од 'рѓа!
- Не, не! - одговорив јас. - Тоа не се дамки од 'рѓа! Види, таа појава кај нас ја викаат замрачување на месечината и тоа станува кога при полна месечина сенката на Земјата ќе падне врз светлиот круг и...
- Ах, драги брате! - ме прекина тој. - Ти си вистински овен, иако си учен овен! Тоа се дамки од 'рѓа и тие настануваат поради влажното време. Прашај го нашиот дворски астроном!
Што има да прашам! Но целата ноќ ми помина во размислување како со светлинатa на науката да го расветлам ова мрачно суеверје!
Најпосле помислив:
„Ах, нема што! Каков народ-такви обичаи! И ако веруваат овдека така, ќе треба со тоа да се помирам".
Уште пред да осамне ја напуштив дворската палата и го побарав нашиот бродски дрводелец, кој дојде со мене во Ширас. Со часови тогаш цртавме една машинерија со чија помош ќе можевме да ја довлечкаме ваму месечината и да ја исчистиме од дамките.
Во вообичаениот час се јавив на аудиенција кај неговото величество и најпокорно му реков дека сум готов за неколку дни да ја довлечам месечината ваму и да ја исчистам од дамките.
- Минхаузен! - извика царот радосно. - Ако ти тоа - ако вие тоа го изведете - жими брадата на пророкот ќе те прогласам за гроф на моево царство.
Уште истиот ден беа образувани три чети од по сто луѓе да толчат песок и исто толку одреди да го сеат со сито, па тие шестотини луѓе немаа ништо друго да работат освен да подготвуваат сосем фин песок за чистење и триење на месечината, а ние истовремено почнавме да ја градиме нашата вешто замислена машинерија за спуштање на месечината. Така, точно четиринаесет дена по она замрачување, направивме обид со машината, па додека учениот свет беше мирен верувајќи дека месечината е невидлива неколку дни зашто настапила таканаречена мена, ние во Ширас ја симнавме таа немирница од небото, најдовме на неа навистина многу големи дамки од 'рѓа, па ја исполиравме толку добро што блесна како никогаш.
Оттогаш тоа се случува секои четири недели.
Ги молам господава некојпат да ме потсетат да им ги покажам одликувањата што ги донесов од Персија, а и прекрасната ѓокатеста кобила која шахот на разделба од благодарност ми ја натури и која дваесет години ја јавав, а по нејзината смрт наредив да се препрарира.
Тој коњ беше толку необично брз та кога правев посети по околината, јас мирно за едно попладне можев да јавам триесет до четириесет милји, а меѓу еден имот и друг можев како од шега да ловам зајаци.
Еднаш гонев зајак кој, бегајќи преку полето, го пресече патот. По тој пат минуваше една кочија со две дами токму меѓу мене и зајакот. Мојот коњ рипна толку брзо и точно низ кочијата, чиишто прозорци беа отворени, та одвај имав време да си ја симнам шапката и да ги замолам дамите за прошка поради ваквата слобода.
Денеска морам да споменам и една многу комична средба од тоа време. Веќе со години немав видено еден мој другар од детството и го сретнав случајно, токму кога тој доаѓаше од житниот пазар, во градот, каде што морал често да доаѓа по работа, зашто ја презел воденицата на својот татко. Повеќемина од вас го познаваат лично Вилхелм Милхубер. Воденицата му е долу кај Шведенбуш. Милхубер беше слегол од колата и токму кога полека си легна во квечерината, јас ненадејно му се приближив и му реков:
- Добровечер Вилхелм!
- Сто вреќи трици! - извика тој. - Па ова е покојниот барон од Минхаузен!
- Што! - реков јас налутено. - Ако сум јас покоен, тогаш ти си татко на самиот себеси!
- Да, јас пред седумнаесет години ве видов како лежите мртов на свечен одар и бев на вашиот погреб. Секое од нас децата доби по едно колаче со цреши, густо посипано со шеќер! Мора вие одамна да сте изгниле, господине бароне!
- Чекај само, Вилхелм! Ќе ти покажам дали сум изгниен или сум уште жив.
И, зборувајќи го тоа, здраво го треснав по муцката!
Убаво! Тој падна, а јас го оставив да лежи, зашто, си мислев, не паѓа гром во коприва.
Неколку дни подоцна поминав крај воденицата, а тој таму мирно си седеше на клупа.
- Вилхелм, - реков - веруваш ли дека сум уште жив? Или ќе треба да се симнам од коњов па да те убедам во тоа?
- Оф, не, молам, молам! Сè ви верувам, господине бароне!
- Е, тоа е в ред и мене ми е по волја, зашто инаку и тебе и на сите неверни томовци кои се толку дрски да не веруваат во вистинитоста на моите зборови, ви стојат на располагање слични опипливи докази.
А сега, добра ноќ господа мои, пријатели и другари во ловот, добра ноќ!"
(од книгата „Минхаузен" од А. Д. Мунд, Култура 1964, превод Зора Билјановска)
(трејлер за „Авантурите на баронот Минхаузен" од 1988 на Тери Гилијам со Ерик Ајдл, Оливер Рид, Ума Турман и Робин Вилијамс)