Она што тие сакаат да го кажат кога вашата состојба ја опишуваат со еуфемистичното „фунционална" или „психосоматска" е дека таа не е причинета од телото, туку од умот - два според нив тотално неповрзани ентитета, секој со својата политика. Вие пак ова го слушате како обвинување дека измислувате, но и како најава дека тешко ќе си го најдете чарето низ лавиринтите на официјалната медицина, базирана на ваквата бинарност.
Но има и поинакви доктори - д-р Сузан О'Саливан, невролог, авторка на нова книга на темата, проценува дека една третина од пациентите кои доаѓаат кај неа имаат симптоми причинети од нивната емоционална состојба. И колку и да изгледа дека тие измислуваат или замислуваат дека не им е добро, нивното тело доживува вистинска болка.
Таа се заинтересирала за ваквите случаи кога се соочила со пациентка која ја нарекува Ивон, а која била „селективно слепа". Тестовите покажале дека таа нема никакво оштетување на видот, дури и повремено си го користела за снаоѓање во просторот, но сепак инсистирала дека не гледа. Излегло дека нејзиниот маж барал таа да даде отказ во супермаркетот каде со задоволство работела, и дека привременото слепило било некој вид протест. На крајот била „излечена" од болест која всушност не постоела, но која била доволно реално всадена во нејзината глава.
Страдањето од какви и да е симптоми кои се повторуваат може да биде и знак за потсвесно избегнување обврски или заштита на поединецот од неговите демони. Понекогаш неуспехот во соочувањето со што и да е (па и со животот воопшто) е полесно ако се оправда со физичка неспособност. Тука спаѓа сè и сешто, од гастритис, главоболки, до посериозни нарушувања, како делумна или целосна парализа.
О'Саливан има голема емпатија кон ваквите пациенти, обидувајќи се да ги дестигматизира, со оглед на тоа што околината често ги опишува како хипохондрици, па дури и измамници. Нејзиното искуство покажало дека доколку растеш со родител или со браќа/сестри кои имаат одреден психосоматски проблем, веројатноста дека ќе развиеш склоност да ги копираш е поголема.
Книгата се надоврзува на жанр кој комбинира историја на медицината со анегдоти. Но она што ја одделува оваа книга е апелот за медицинска реформа и поширока општествена свесност за психогенетските компоненти на болестите.