Сараевскиот готвач кој ги предводи карантинските протести во Португалија

Откако избегал од со војната зафатената Босна, Љубомир Станишиќ имал повеќе станици низ Европа. На крај се скрасил во Португалија, каде почнал да добива награди за своето готвење. На неговото мени секогаш има бурек и кравја глава. 

Португалските угостители, сопственици на ресторани, барови и ноќни клубови, завчера, 5.12, го завршија штрајкот со глад кој го започнаа пред осум денови пред тамошниот парламент во знак на протест против мерките на ограничување поврзани со пандемијата. Еден од предводниците на штрајкот е Љубомир Станишиќ, денес славен шеф, кој во Португалија дошол во 1997, откако во 1992 избегал од воено Сараево.

Од Босна прво заминал во Белград каде завршил хемиско-прехранбена технолошка школа, па курсеви за пекар и меѓународна кујна. Не сакал да живее таму, па ја убедил мајка му да ја продадат колата и со 200 евра заминал за Унгарија. Постојано работел, миел садови во ресторани, а по Унгарија заминал за Холандија, Шпанија и на крај застанал во Португалија. Таму го научил јазикот, основал семејство и почнал да готви. Во 2004 го отворил својот прв ресторан, кој освоил бројни награди но сепак во 2009 пропаднал, а тој останал во долгови.

Сите кои до тогаш му се правеле пријатели го напуштиле, а тој и мајка му која во меѓувреме дошла да му помогне три месеци спиеле на маса во ресторанот.

Набргу нештата сепак се мрднале од мртва точка - Станишиќ почнал да води две емисии на 24Кичен, а бил гостин и во оние на Џејми Оливер и Ентони Бордејн. Емисијата Папа Километрос која ја водел на 24Кичен е базирана на неговото патување со кампер со сопругата и двете деца низ Европа. Препознатливоста ја стекнал негувајќи имиџ на стереотипен Балканец, брз на јазик и постојано со цигара во рака.

До пандемијата Станишиќ го водел ресторанот 100 Maneiras (слика горе) каде се собирала екс-ју заедницата, а таму јаделе и славни личности, како Роналдо. Отворен во 2019, ресторанот за неколку месеци се нашол на листата 50 најдобри на Дискавери. Во него има само 32 места, а во ВЦ-ињата не се пушта музика туку се говори на Мартин Лутер Кинг, Тито, Трамп. Секое од трите менија почнува со „Добредојдовте во Босна“, со предјадења карактеристични за босанската кујна, а бурекот секојдневно го подготвува мајка му, Роса. Јадењето на кое најмногу се сеќава од детството, а кое го подготвувал татко му - кравја глава, на менито е наведено под името „Последна вечера“.

Неговиот активизам во контекст на пандемијата почнал со објавување на фотографии и постови со хаштаг #tomates, во кои инсистирал дека португалската влада мора да има „домати“ (мадиња) да ги затвори рестораните, но истовремено да им даде финансиска поддршка на вработените. Така започнало цело движење „Преживување на леб и вода“ кое неодамна кулминираше со штрајкот со глад на неколкумината сопственици на ресторани, во текот на кој Станишиќ еднаш заврши во болница, но сепак набргу се врати во шаторите пред португалското Собрание.

извор

7 декември 2020 - 15:50