Роман Гари остварил дипломатска кариера за памтење. Откако повеќе од една деценија биле заедно, ја напуштил англиската писателка, новинарка и уредничка на магазинот Вог, Лесли Бленч, и отишол да биде француски амбасадор во Холивуд. Детаљот околу бившата сопруга е легитимен затоа што освен службено, тој за Америка тргнал следејќи го и гласот на срцето, за што говори фактот дека во тоа време во Лос Анѓелес живеела Џин Сиберг. Се преженил со иконата на францускиот „Нов бран“, омилената женска глумица на Годар и спаринг партнерка на култниот Белмондо (oд „Без здив“), а останал близок со неа се до нејзината смрт, иако се развеле осум години подоцна.
Откако Сиберг е најдена мртва во својот автомобил, свикал прес-конференција каде за самоубиството го обвинил Федеративното истражно биро и црната кампања што со години ја воделе против неа. За сопствената смрт, во писмото што го оставил пред да си пука во глава една година по смртта на глумицата, напишал дека нема врска со нејзината. „Едноставно, премногу знам“, се одјавил Гари. Во таа една година помеѓу неговата и смртта на Сиберг, работел со Коста Гаврас на филмот „Сјајот на жената“, напишан според неговиот брилијантен роман објавен две години претходно.
Можеби тоа одговара на прашањето зошто не се зборува за него во англосаксонските културни кругови. Ниту е недоволно преведуван, ниту пак имал нешто против англискиот јазик, на кој и изворно творел додека престојувал во Америка во знак на протест контра обвинувањата дека слабо го владее францускиот. Наводниот „лош француски“ не бил пречка да се придобијат срцата на читатели од калибарот на Жан-Пол Сартр и генералот Шарл де Гол (на фотографијата доле Гари е на погребот на генералот).
Иако и за време на животот објавувал дела за кои е наградуван, во годините по неговата смрт и сè до неодамна, прво што ќе дознаевте за него беше измамата околу добивањето на Гонкуровата награда по вторпат (според правилата Гонкур еден писател може да добие само еднаш во животот). Гари наградата ја добил во 1975-та за францускиот бестселер „Животот после нас“ потпишан како Емил Ажар, а објавувал и под псевдонимите Фоско Синибалди и Шатан Богат.
Претходно, во 1956-та веќе еднаш се закитил со наградата за „Корените на рајот“, нималку креативно потпишана со неговото официјално име, Роман Гари.
Кога била со ниет да го награди, Академијата веќе се сомневала дека се работи за поранешниот добитник, па испратиле допис до издавачката куќа со цел да се распрашаат за идентитетот на авторот. Бидејќи ниту издавачот не знаел, го контактирал Ажар (всушност Гари) со цел да праша дали тој навистина постои и дали би ја примил Гонкуровата награда. Тој потврдил, но потоа се обидел да ја одбие наградата (што исто така е недозволиво според прописите на Академија Гонкур) и не се појавил на церемонијата, за што бил плукан во француските медиуми. Следната книга што ја напишал е со наслов „Хокус-покус“ и индиректно се бави со неговите повеќекратни идентитети.
Постхумно оставил и сведоштво со наслов „Животот и смртта на Емил Ажар“ (објавено во поновите изданија на Хокус-покус) каде јасно обзнанил кој е кој, со текст за кој многумина сметаат дека е најквалитетниот во неговиот книжевниот опус.
Иако за него се знае многу, и од горенаведените дела и од другите, неспоредливо повеќе тој споделил во неговата автобиографија „Ветување на зазорување“. Таму дознаваме дека го пораснала Мина, посветена самохрана мајка и поранешна глумица. „Мајка ми гледаше на мене како на мешавина од Лорд Бајрон, Гарибалди, Габриеле Д'Анунцио, грофот Д'Артањан, Робин Худ и Ричард Први Лавовско Срце“ вели тој, и додава дека мајка му за Франција му зборувала како што другите мајки на децата им зборувале за Снежана и за мачорот во чизми.
Војната ги поматила сметките на мајка му, но тој вели дека имал чувство дека не може да му се случи ништо лошо затоа што тој бил нејзиниот среќен крај. Се пријавил како доброволец во армијата, и откако бил одбиен поради тоа што е Евреин, станал авијатичар од таборот на воздухопловната единица за Слободна Франција под команда на де Гол. Роман Гари е еден од петмината летачи кои освен што го доживеале, го имаат и преживеано Денот Д.
Зборуваме за сензуалист, емотивец чии дела понекогаш знаат и грдо да остарат, или како што Адам Гопник сумира во Њујоркер „не постои толку добар писател што пишувал помалку добро“. Истовремено, се работи за некој со исклучително толерантна, хумана и зрела морална визија - што го прави совршен антипод на овие поларизирани и хистерични времиња што ги живееме денес.