Што е тоа - „ништо“?

Иако звучи необично, во историјата на филозофијата подеднакво, ако не и повеќе, е дискутиран проблемот на непостоењето, на „не е“ наспроти „е“. Дали „ништо“ може да се замисли и да се искаже? Ако може, тогаш, како е тоа - ништо? Доколку ве интересира, добро. Доколку не - ништо.

Историјата на „ништо“-то во западната филозофија е долга и сложена. Филозофите од античките времиња се обидувале да го дефинираат тоа што „не е“ — дали се работи за апсолутно непостоење, за отсуство на нешто конкретно или за некаква логичка можност. Прашањето за ништото било разгледувано како теолошки проблем (дали сè може да произлезе не од Бог, туку од ништо), етички (Сартр го смета ништото за предуслов на човечката слобода) и логички (како кај Бертранд Расел, кој зборува за „негативни факти“). Но, најмногу од сè, ништото било онтолошки проблем — oдносот помеѓу нештата што постојат (оnta) и самото постоење (οn).

Парменид од Елеја прв ја формулирал онтологијата — науката за битието само по себе, а не за поединечни суштества. Тој го вовел зборот „е“ (ести) како апсолутна форма на постоење без конкретен субјект — „битието“ само по себе. Со тоа тој го одредува и првиот филозофски избор: „е“ или „не е“. Патот на вистината води кон „е“, додека „не е“ е забрането, тоа е непостоење што не може ниту да се замисли ниту да се искаже. Сепак, токму таа забрана покажува дека непостоењето е неопходен дел од неговиот систем, сенка без која битието не би имало граници ниту облик.

Сто години подоцна, Демокрит го проширува Парменида со атомистичката теорија. За него, реалноста се состои од бесконечен број атоми (мали битија) и празнина — „ништо“ што постои за да им овозможи движење и раздвојување. Така, тој го воведува парадоксот на постоечко ништо: празнината е реална, бидејќи без неа не би имало битие.

Современата физика повторно го оживува ова прашање. Квантната теорија покажува дека атомите и честичките се истовремено „нешто и ништо“, постојат и не постојат, додека концептот на квантната празнина претставува „ништо“ полно со потенцијал — место каде може да се роди сè. Како што тврди физичарот Лоренс Краус, можеби и самиот универзум настанал од ништо, преку флуктуации во вакуумот.

Од Парменид до Демокрит, од Хегел до квантните физичари, ништото останува плодна противречност — тишина која зборува и празнина што создава. Можеби, како што велеше Џон Кејџ, „да се каже ништо“ е единствениот вистински начин да се допре до суштината на сè.

извор

10 октомври 2025 - 17:03