Јапонскиот Хари Худини

Еден затвореник, кој не бил „цвеќе за мирисање“, но сепак бил осуден за убиство кое не го сторил, покажал неверојатна креативност и трпение во планирање на своите бегства. На пример со секојдневно плукање во синџирите од супата, за солта да го разјаде железото.

Во подножјето на планината Тенто во Хокаидо се наоѓа Музејот на затворот Абашири — некогаш вистински затвор, денес отворен музеј кадешто се чуваат оригиналните ќелии, канцеларии и капелата, преселени и обновени за да се прикаже животот зад студените дрвени ѕидови. 

Движејќи се низ темните коридори, посетителите често запираат пред една вознемирувачка сцена: фигура во природна големина облечена само во парче платно, која виси над главите, како да лебди во просторот. Таа го претставува Јошие Ширадори, затвореник кој никако не можел да биде задржан зад решетките. 

Ширадори е роден во 1907 година. Додека бил мал, му починал таткото, а мајка му го напуштила заедно со сестра му. Во младоста работел на руска бродска линија за ловење риба, се оженил и добил дете, но финансиските потешкотии го довеле до коцкање и кражби. 

Во 1933 година се приклучил на банда која ограбила магацин и работите тргнале наопаку: синот на сопственикот на фирмата починал од убод во мешаницата. Две години подоцна, кога еден од неговите соучесници бил уапсен, Ширадори се предал. Иако негирал дека го сторил убиството, полицијата го тепала и го мачела за да добие признание. 

Во 1936 година бил испратен во затворот Аомори, каде условите биле сурови, а чуварите безмилосни. Тој почнал да набљудува и да ги памети движењата на чуварите. Забележал дека секое утро постои пауза од петнаесет минути помеѓу патролите — мала, но доволна можност. 

Во јуни истата година, ги искористил тие моменти: со тенка жица од бакарен сад ја отворил бравата на ќелијата, се протнал низ процепот во кровот, а притоа оставил куп даски под покривката за да изгледа дека спие. Но неговата слобода траела само три дена — бил фатен додека крадел залихи од болница и вратен во ланци. За првото бегаство добил доживотна казна. 

Во 1941 година, бил префрлен во затворот Акита, кој бил уште построг. Таму бил сместен во специјална ќелија дизајнирана за да ги спречи таквите како него. Но Ширадори секоја ноќ се ослободувал од оковите, се качувал ѕидовите и работел на дрвената структура на кровот — сè додека не успеал да го отвори и да исчезне во мракот. 

Три месеци подоцна, направил грешка: се појавил кај куќата на главниот чувар Кобајаши за да побара помош — човек кој некогаш покажал добрина кон него. Но Кобајаши ја повикал полицијата, и Ширадори бил уапсен и пренесен во суровиот затвор Абашири, од каде до тогаш не било забележано ниту едно бегство.

Таму, иако чуварите го ставиле во тешки синџири, Ширадори успеал да ги кородира со солта од мисо-супата што ја плукал упорно, ден по ден. На 26 август 1944 година, за време на воено затемнување, тој си ги дислоцирал сопствените рамења за да се извлече низ мал прорез за храна и исчезнал во дивината. 

Неговото бегање е поврзано со легенди кои најверојатно не се вистинити. Но едно е сигурно: тој преживеал во планините речиси две години, се хранел со јаткасти плодови, бобинки и она што ќе го уловел. До крајот на војната, слегол во едно село и се предал, потоа бил уапсен по кражба и осуден на смрт, но судот ја преиначил казната на 20 години, од кои отслужил 14 и бил ослободен. 

По ослободувањето, се вратил во Аомори. Се обидувал повторно да ја воспостави врската со ќерката и работел, водејќи скромен живот. Починал од срцев удар во 1979 година на 71 година. 

Го нарекувале „Хари Худини на Јапонија“ — како симбол на отпор кон власта и социјалните неправди. Неговите неверојатни бегства ја освоиле јавната имагинација, а во 1983 година расказот Hagoku („Затворско бегство“) на Акира Јошимура, aдаптиран во ТВ серија во 2017, го овековечил неговиот лик во литературата. 

9 октомври 2025 - 10:34