
Веста за Нобеловата награда физичарот Џон Мартинс ја дознал во три часот по полноќ — неговата сопруга, која сè уште била будна, го слушнала телефонот што постојано ѕвонел. Не знаеме како издржала, но кога дознала за што се работи не го разбудила веднаш туку почекала до 5:30 за да му овозможи неколку часа сон пред налетот на новинари.
Мартинис ја доби наградата заедно со Џон Кларк и Мишел Деворе „за откритието на макроскопското квантно тунелирање и квантната енергија во електричен круг“ — експерименти што подоцна станаа темел за развојот на квантните компјутери.
Хрватските весници набргу укажаа на неговото далматинско потекло. Неговиот татко Иво Мартинис е роден во Комижа, а дедо му Мато ја напуштил родната земја во 1930-тите и се преселил во САД, каде семејството продолжило да се занимава со рибарство. „Татко ми имаше златни раце и одлично разбираше како функционираат машините. Веројатно од него ја наследив интуицијата за физика“, вели Мартинис.
Роден во 1958 година во Сан Педро, Мартинс вели дека уште како дете бил опседнат со електрониката и градењето уреди. Родителите го поттикнувале да поставува прашања — навика што ја смета за клучна во својата научна љубопитност.
По дипломирањето и докторирањето на Универзитетот во Беркли, работел во Франција и Колорадо, а потоа се вратил во Калифорнија. Во 2014 година се приклучил на тимот на Гугл, каде што неговото истражување кулминирало со експериментот на т.н. „квантна надмоќ“ — процесор со 53 кубити што решил задача за неколку минути, додека најмоќните суперкомпјутери би ја решавале илјадници години.
По заминувањето од Гугл, основал сопствена компанија Кјулаб, фокусирана на практичен развој на квантни компјутери.
Во интервјуто за Јутарњи лист Мартинис истакнува дека најголемиот предизвик на современата наука е токму создавањето корисен квантен компјутер, а како инспирација го споменува Никола Тесла, со кого, според семејните преданија, има далечно сродство.