
(фото: Кристофер Мичел, Википедија)
Омар Јаги, еден од највлијателните современи хемичари, е роден во Аман, Јордан, во 1965 година, во семејство на палестински бегалци од селото Ал-Масмија во Газа. Детството го поминал во скромни услови, со многу браќа и сестри, во една просторија која ја делеле и со стоката, без електрична енергија и со ограничен пристап до чиста вода.
На петнаесет години, по совет на татко му, се преселил во САД, каде што започнал да студира, иако тогаш знаел многу малку англиски. Дипломирал на Државниот универзитет во Њујорк во Олбани, а докторирал во 1990 година на Универзитетот во Илиноис. Потоа бил постдокторски истражувач на Харвард, а во 2021 година добил и саудиско државјанство со кралски декрет.
Неговиот најголем придонес е создавањето на нова гранка во хемијата – ретикуларна хемија, која се занимава со „плетење“ на молекуларни градбени блокови преку силни хемиски врски, создавајќи стабилни и порозни материјали. Со тоа тој ги поставил темелите на метало-органските рамки (MOFs), материјали со структура слична на сунѓер кои можат да складираат или филтрираат гасови.
Неговите истражувања во 1990-тите довеле до три клучни откритија: создавање стабилни кристални рамки со силни врски меѓу металните јони и органските молекули, воведување секундарни градбени единици кои обезбедуваат трајна порозност и развој на MOF-5 – материјал со извонредно висока површина и цврстина.
Покрај тоа, Јаги прв ги синтетизирал ковалентните органски рамки (COFs) – структури изградени исклучиво од неметални атоми, со висока стабилност и можност за создавање тридимензионални кристали. Тој е и пионер во молекуларното ткаење, каде што материјалите се „плетат“ на атомско ниво, отворајќи нови можности за производство на напредни функционални материјали.
Овие откритија имаат големо практично значење – MOF и COF материјалите денес се користат во технологиите за чиста енергија, складирање на водород и метан, апсорпција на јаглерод диоксид и собирање вода од пустински воздух. Според анализата на Томсон Ројтерс, Јаги бил втор најцитиран хемичар во светот во периодот 2000–2010.
Освен како научник, Јаги е и претприемач. Во 2020 година ја основал компанијата Атоко, која ги комерцијализира неговите откритија во областа на карбонската апсорпција и извлекување вода од воздух, а во 2021 ја основал и H2MOF, стартап посветен на складирање водород со помош на материјали развиени преку ретикуларна хемија.
За својата работа Јаги добил бројни престижни награди, меѓу кои Светската награда за наука Алберт Ајнштајн (2017), Волфовата награда за хемија (2018), наградата Грегори Аминоф (2019), a oд денес е еден од тројцата што ја добија Нобеловата за хемија.