„Чудото“ – последниот, недовршен филм на Чарли Чаплин

Фантазија за „прекрасно суштество со крилја“, составена од нацрти, раскази и скици на големиот комичар. Ова е содржината на до сега непознато сценарио на Чаплин кое наскоро ќе биде објавено за прв пат. 

Сценариото на недовршениот последен филм на Чарли Чаплин ќе биде објавено за првпат, откако внимателно било реконструирано од неговите ракописи, скици и стори-борди. Чаплин работел на филмот до својата смрт во 1977 година, на 88-годишна возраст.

Проектот, насловен „The Freak“ („Чудото“), е фантазија за „прекрасно суштество со крилја – птица со човечко тело“, според описот на Чаплин. Главната хероина, Сарафа, има моќ да лекува и да носи мир во светот. Чаплин планирал и сам да се појави во мала улога – како пијан минувач кој ја гледа како таа лета над Лондон и парламентот.

Работните материјали се најобемните меѓу сите негови проекти. Тие содржат детални сцени, белешки за специјални ефекти, финансиски планови и распоред за снимање. Според биографот на Чаплин, Дејвид Робинсон, кој ја подготвил книгата со овие материјали, „штета е што филмот не бил завршен – можеше да биде прекрасно дело“.

За улогата на Сарафа, Чаплин ја избрал својата ќерка Викторија, тогаш тинејџерка. Таа се сеќава дека татко ѝ со месеци го проучувал движењето на птиците во лет и филмови со луѓе кои летаат, барајќи свој, уникатен начин да го прикаже чувството на летање на филм. „Верувам дека ќе го пронајдеше тој начин – но времето му ги пресече крилјата“, изјавила таа.

Издавачката куќа Стикинг плејс букс викендов ќе ја објави книгата „Чудото: приказната за еден недовршен филм“, првпат на англиски јазик. Претходно постоело само ограничено италијанско издание од 2020 година, подготвено од филмската архива Кинотека на Болоња, која го чува целиот Чаплинов архив.

Во архивата се пронајдени и тајни белешки за кастингот – меѓу потенцијалните актери за главната машка улога (англиски професор кој ја пронаоѓа Сарафа повредена на покривот) биле Роберт Вон, Џејмс Фокс и Ричард Чемберлејн. Во сценариото, Сарафа признава: „Не ги сакам моите крилја… сите ме плашат, а и јас се плашам од сите“.

Во 1969 година Чаплин престојувал во Лондон за да ги истражи техниките за снимање на летачките сцени, соработка барал и со експерти. Еден од уметниците направил 150 цртежи со Сарафа во лет. Раководителот на имотот на Чаплин, Арнолд Лозано, го опишува изданието како „првa целоснa презентација на неговиот последен, недовршен проект“. Материјалот содржи околу 3.000 страници белешки, фотографии, цртежи, како и аудиоснимки и пијано-композиции од самиот Чаплин.

11 октомври 2025 - 10:57