Кога во 1918 се родило дете во семејството Ратјен, акушерката го повикала таткото и честитајќи му рекла „Машко е!“. Но по пет минути го променила мислењето. „Сепак е женско“.
Девет месеци подоцна, кога детето кое било крстено Дора се разболело, докторот ги испитал неговите гениталии и им рекол на родителите: „Оставете ги нештата какви што се. И онака не можете ништо да направите“.
Така започнала приказната за комплицираниот родов идентитет на Дора/Хајнрих Рајтен, која била воспитувана и растена како женско, иако уште од раното детство самата се чувствувала како машко. Во тинејџерските години, Дора почнала успешно да се натпреварува во различни спортови. Во 1936 учествувала на летната Олимпијада во Берлин, а нејзините колешки од тимот не се посомневале дека можеби станува збор за машко, иако таа никогаш не се соблекувала пред нив. Во 1938 таа се натпреварувала на Европскиот атлетски шампионат и се закитила со златен медал рушејќи го светскиот рекорд во скок во далечина, а подоцна и во скок во висина. Со оглед на големите успеси почнале да кружат гласини за неговата/нејзината полова припадност, но без конкретни последици.
На 21 септември 1938, Ратјен се качила на експресниот воз од Виена за Келн. Кондуктерот ја известил полицијата во Магдебург дека во возот има „маж облечен како жена“. Таа била спуштена од возот и испрашувана од полицијата. Ги покажала документите во кои пишувало дека е жена, но по некое време признал дека е маж и ја раскажал својата приказна. Бил повикан доктор и по прегледот заклучокот бил дека Ратјен е машко, иако лекарот ги опишал неговите гениталии како интерсексуални, и бил на став дека со нив тој не би бил способен за сексуален чин.
Наградуваниот атлетичар бил уапсен и испратен во спортскиот санаториум Хохенлихен за понатамошни испитувања, кои го дале истиот резултат. Судскиот процес завршил со тоа што јавниот обвинител изјавил дека тука не може да стане збор за измама бидејќи отсуствувала намера да се добие некаква финансиска добивка. Дора ветила дека ќе прекине со какви и да е спортски активности, а родителите, иако најпрвин се противеле, на крај се согласиле неговото име да биде променето во Хајнрих, а златниот медал да биде вратен.
До крајот на животот Хајнц, како што самиот се нарекувал, ја држел кафаната на своите родители, и одбивал барања за интервјуа до смртта во 2008.
Во филмот „Берлин 36“ е прикажана фиктивна верзија на животниот пат на Хајнц. Според неа, нацистите сакале да обезбедат ниту еден Евреин да не добие злато за Германија на Олимпијадата, па така една спортистка, Гретел Бергман, во последен момент била заменета од Ратјен, иако се знаело дека тој е машко. Сепак, ова е само шпекулација, а историчарите повикале на тоа филмот да не се продава како „вистинска приказна“.