Прв пат нема да има збор, туку куп зборови на годината

Оваа година нè остави без зборови - велат од Oксфордскиот речник на англискиот јазик, од каде (иронично) предлагаат цел список зборови кои би ни помогнале да го искажеме чувството на неискажливост од годината што изминува.

Во 2020 можеби бевме социјално дистанцирани, но недостатокот на физички контакт го надоместувавме со зборување - на чет, на социјални мрежи, на онлајн платформи за учење. Лингвистите имаат полни раце работа. Во 2020 оние од Оксфордските речници, кои секоја година прогласуваат збор кој ја одбележал онаа на заминување, можеле да бираат помеѓу 11 милијарди зборови на сајтови, блогови и други текстуални извори. Тие пријавуваат „сеизмички промени во јазичните податоци и до сега незабележана фрекфенција на нови кованици“ во текот на изминатите 12 месеци.

„Коронавирус“, еден од зборовите на списокот, е термин кој не е нов, туку датира од 1960-тите. Сепак тогаш бил користен во тесен круг научници, за од март оваа година да стане најчесто употребуваната именка во англискиот. Набргу „Ковид-19“, прв пат забележан на 11 февруари во извештај на СЗО, го претекнал „коронавирус“ во зачестеноста на употребата. Употребата на зборот „пандемија“, пак, се зголемила за дури 57,000%, а разбирливо чести биле и „карантин“, „маски за лице“ или „клучни работници“.

Пандемијата влијае врз јазикот со промената и на работните навики, па така „од далечина“ (remote, remotely) се за 300% почесто користени од март, а „мјут“ и „анмјут“ (замолчено и одзамолчено) за 500% од март оваа година.

Политичките превирања, особено во САД, ја зголемиле употребата на „импичмент“, „блек лајвс метер“ и „конспираси тиори“, кои биле двојно позачестени помеѓу октомври 2019 и октомври 2020. За разлика од ова, употребата на терминот „брегзит“ се намалила за 80%.

Ова е годината во која светот кој зборува англиски (или кој го користи за комуникација онлајн) со хипер-брзина натрупа нови зборови кои се дел од колективен речник поврзан со коронавирусот, а кои многу бргу станаа суштински дел од јазикот. Тимот на Оксфордските речници, кои лани го прогласија зборот „климатска итност“ за збор на 2019, оваа година идентификувале стотици значајни нови зборови и/или нови употреби на веќе познати термини, од кои поголемиот број можат лесно да бидат прогласени за збор на годината во некои помирни времиња. Она што тие го заклучуваат е иронично - 2020 едноставно нè остави без зборови.

Од релевантните институции за проучување на развојот на македонскиот јазик не се имаат произнесено за најзачестените зборови во македонскиот во медиумите и на онлајн мрежите во 2020. Претпоставуваме дека и покрај изместената ситуација тоа би можело (повторно) да биде „цена?“.

25 ноември 2020 - 08:22