Во текот на многу топлото лето во 1936, тим американски Олимпијци го преминал Атлантикот со брод, пристигнувајќи во Шкотска на 13 јули. Од тука oтпатувале за Париз каде се качиле на друг воз, конечно пристигнувајќи на својата дестинација неколку дена пред официјалниот почеток на игрите. Но тие не дошле во Берлин, домаќинот на Олимписките игри таа година. Десетмината американски спортисти стапнале на сончевите улици на Барселона за да учествуваат на „Народната олимпијада“, контра-настан организиран во знак на протест, против „нацистичките олимписки игри“.
Пет години претходно, Берлин ја добил кандидатурата за Олимписките игри, победувајќи други градови-финалисти, меѓу кои и Барселона. Во тоа време Германија била под Вајмарската република. Откако во 1933 на власт дошол Адолф Хитлер, групи Евреи, синдикати и трговски организации во САД и низ Европа ја критикувале одлуката да им се дозволи на нацистите да бидат домаќини на Олимпијадата, особено откако во 1935 Нинбершките закони им ги одзеле сите права на германските Евреи. До 1935 половина милион Американци потпишале петиции со кои барале местото на одржување да се смени, а неколку битни медиуми, вклучително и Њујорк Тајмс, и формално поднеле приговор и промовирале неучеството на САД доколку локацијата не се промени.
Истата година една мешана група составена од црковни водачи, претседатели на колеџи и синдикалци создале организација под име Комитет за фер плеј во спортот, со експлицитна цел да ги спречат САД да испратат спортисти во Берлин. Сепак, Американскиот олимписки комитет остро се спротивставил на бојкот - неговиот водач бил Аври Брандејџ, анти-семит кој подоцна станал претседател и на Меѓународниот олимписки комитет. Тој ги нарекол овие иницијативи „еврејско-комунистичка конспирација“.
Конечно, на 8 декември 1935, помалку од девет месеци пред игрите, Американците сепак изгласале учество на берлинската Олимпијада, иако недостасувале само три гласа за тоа да не се случи.
Преку Атлантикот, во Шпанија, политичката ситуација изгледала многу различно. Во 1931 и воениот диктатор Примо де Ривера и шпанскиот крал Алфонсо XIII биле изгонети, а Шпанија станала република. Во следните неколку години се смениле неколку партии, за на крај левичарска коалиција да ги добие изборите во февруари 1936.
Тоа ги поддржало напорите за организирање контра-олимписки игри, кои требало да се одржат во Барселона, логичното место со оглед на неговата кандидатура неколку години претходно, со изграден Олимписки стадион, и веќе развиена традиција на организирање спортски работнички игри.
Комитетот на Народната олимпијада испратил покани до спортисти низ светот. Планирани биле 6000 учесници и 20.000 гледачи. Во текстот се наведувало дека се бара присуство на „мал но квалификуван тим“ и се нудело покривање на дел од патните трошоци. Во онаа за учесници од САД се инсистирало тие да вклучат и црни спортисти, во духот на Олимпијадата, кој подразбирал братство помеѓу народите и расите. Десет американски спортисти од кои тројца црни ја прифатиле понудата, и се качиле на бродот Трансилванија на 3 јули.
Но кога пристигнале во Шпанија, нештата биле променети. Коалиција на шпански националисти, монархисти и конзервативци, водени од група воени генерали почнале да планираат државен удар против левичарската коалиција. Тој започнал непосредно пред датумот планиран за Протестната олимпијада, а оние спортисти кои овие настани ги затекнале на пат заглавиле на граница и не можеле ни да влезат во Шпанија. Во престрелките во Барселона настрадал и спортист од Франција. Така, наместо обид протестната Олимпијада да спречи ширење на фашизмот, таа самата била сопрена.
Сепак, Барселона подоцна добила шанса за олимписка слава - градот конечно бил домаќин на игрите во 1992, на точно истиот стадион каде протестната Олимпијада речиси се случила.