Три попладне, 12 февруари 2010. Ејми Бишоп, невробиолог и професор на Универзитетот Алабама во Хантсвил, седнала на конференциската маса непосредно пред почетокот на редовната седница на катедрата по биологија. Околу масата биле собрани тринаесет професори и членови на одделението, во просторија без прозорци на третиот кат. Раководителот, специјалист за биологија на растенија по име Гопи Подила, почнал да го дели дневниот ред. Бишоп седела веднаш до него, на место до вратата. Во нејзината чанта имало пиштол.
Тогаш имала 45 години, долгнавесто и бледо лице врамено од црна коса и ситни сини очи. На ваквите состаноци често се јавувала за збор, но сега била тивка и некако намуртена. Имала и зошто - претходната година катедрата не прифатила да ја унапреди во редовен професор, а бројните обиди да ја обжали одлуката пропаднале. Главна тема на состанокот биле плановите за следниот семестар, а таа знаела дека ќе ја загуби работата и веќе нема да биде таму.
Биохемичарка по име Дебра Моријарти ја набљудувала Бишоп од спротивната страна на масата. Таа добро ги знаела академските маки на колешката, станале и пријателки откако Бишоп пристигнала на кампусот како вонреден професор, во 2003. Често зборувале за своите семејства - Бишоп имала четири деца, а Моријарти неодамна станала баба. Сепак последнава гласала против напредувањето на Бишоп, и иако ова се знаело, нивниот однос останал коректен. Бишоп во еден момент го споделила својот очај со неа: „Мојот живот е завршен“, ѝ рекла. Моријарти ја тешела дека секако ќе најде друга позиција.
Педесет минути Бишоп молчела на состанокот. Потоа, како што тој привршувал, станала, го извадила 9-милиметарскиот полуавтоматски Ругер и го застрелала проф. Подила во главата. Продолжила со масакрот и веќе имала пукано во четворица кога нанишанила кон Моријарти. Но пиштолот нешто заглавил и не испукал. Почнала бркотница во која некои од колегите успеале да се засолнат, но други им подлегнале на повредите. На крај било пукано во шестмина, од кои тројца починале.
Бишоп отишла во тоалет, го измила пиштолот и заедно со крвавиот џемпер го бутнала во корпа за отпадоци. Потоа влегла во лабораторија и замолила студент да ѝ го позајми мобилниот. Му се јавила на сопругот и му рекла „Завршив“. Кога го напуштила факултетот преку заден излез, ја пресретнал полицаец и ја уапсил.
2010 била година на голем број масовни пукања во Америка, до тој степен што тие веќе ја загубиле моќта да шокираат. Веќе во февруари имало петнаесет други пукања со три или повеќе жртви. Но случајот на Ејми бил забележителен бидејќи таа не се вклопувала во профилот на масовен убиец: жените ретко вршат вакви кривични дела. Таа била високо интелигентна и успешна уште од дете. Во младоста собирала награди како виолинист, но подоцна студирала природни науки. Се здобила со докторат од Харвард. Бракот со сопругот Џим делувал стабилен. Немала досие и немала историја на злоупотреба на дрога или алкохол.
Медиумите се фокусирале на наједноставното објаснување - нејзиниот гнев поради неостварената амбиција да стане редовен професор. Но имало и такви кои велеле дека работата е можеби покомплицирана, и дека има луѓе кои се едноставно подвижни „темпирани бомби“ - такви кои можат да експлодираат во секое време, а кои се тешки за идентификување.
Испаднало дека Бишоп била обвинета претходно, за пукање и убиство на сопствениот брат во 1986, кога тој имал 18 години, а таа 21. Сепак, никогаш не била изведена пред суд, а самото пукање не било детално истражено. Родителите изјавиле дека тоа бил несреќен случај и властите ја прифатиле нивната верзија.
Во 1994 таа и нејзиниот сопруг биле испрашувани во врска со бомба испратена по пошта на професор на Харвард, нејзин лабораториски супервизор. Но и ова останало без докази за нивната вина.
Универзитетот во Алабама немал поим за ваквото минато, а колегите и не ја познавале баш приватно, за разлика од роднините и соседите кои подоцна изјавувале дека таа многу се разгневувала за каква и да е критика, и дека знаела да подлажува во биографијата. Нејзините научни достигнувања не биле толку импресивни колку што таа ги претставувала, а симптом било и тоа што голем број студенти се откажувале од слушањето нејзини предмети, обидувајќи се да се префрлат кај друг професор.
Бргу по опишаното пукање, полицијата на кампусот добила и серија повици кои велеле дека истата таа доктор Бишоп, сега во притвор, поставила потенцијални „херпес бомби“ низ факултетската зграда, дизајнирани така да го шират опасниот вирус. Само неколкумина кои соработувале со неа знаеле дека таа го истражувала токму овој вирус како пост-докторанд, и самата кажувала дека тој може да предизвика енцефалит. Исто така напишала и необјавен роман во кој еден вирус налик на херпес се шири низ светот, предизвикувајќи абортус кај бремените жени. До тој момент полицијата веќе ја имала прегледано секоја просторија, но не нашла ништо освен пиштолот во корпата за отпадоци.
Бишоп се изјаснила за виновна и била осудена на доживотен затвор. Смртната казна ја одбегнала благодарејќи на петицијата покрената од страна на родителите на една од жртвите, бидејќи иако семејствата претрпеле голема загуба, „немало поента во уште еден згаснат живот“.