Џејмс Болдвин, писател и социјален критичар чии дела зборуваат за расните и класните поделби во Америка на 20-тиот век (почина во 1987), е една од иконите на борбата за права на Афро-американците. Истовремено, некои од неговите книги зборуваат за животот на сексуално различните, како неговиот втор роман, „Собата на Џовани“ (за кој пишувавме тука), кој лани ја доби наградата за Најдобар книжевен секс.
Сето ова веројатно била причина зошто Морисеј за неговата скорешна турнеја во САД и Мексико креираше маички со писателот, комбинирани со стихови од песната Unloveable (Некој што не може да се сака): "Носам црно од надвор/затоа што црно се осеќам од внатре“.
Музичките и други новинари, кои како да го дочекуваат секој потег на Морисеј на нож, го оценија потегот како „комплетно глуп, апсурдно нетактичен, тотално расистички“, „сè само не соодветен“, „проблематичен“, и го повикаа пејачот да го преиспита овој чекор.
Во моментов маичката е отстранета од официјалниот сајт за продажба на Морисеј, иако тој самиот се уште се нема огласено по повод настанот. Она што се знае е дека во автобиографијата од 2013 (за која пишувавме тука), тој зборува со почит кон овој автор.
Ова беше повод медиумите да почнат да составуваат списоци на минати контроверзи од сличен тип предизвикани од Морисеј, кои резултираа, на пример, со негова 20-годишна караница со влијателното музичко списание Њу мјузикл експрес. Меѓу другото тој во 1992 има изјавено дека „црнците и белците никогаш нема да почнат да се согласуваат или да се сакаат“, во интервју за Гардијан ги нарече Кинезите „подвидови“ заради нивниот наводно лош третман на животните, а пак за месната индустрија рече дека оние кои ја поддржуваат го прават истото како и оние што го поддржувале истребувањето на Евреите во Аушвиц.
А можеби сево ова има врска што Морисеј, за разлика од Болдвин којшто ја доби наградата за најдобар секс во книга, ја доби онаа другата, за најлош.