Тазе автобиографија

Морисеј да ти бил човекосексуалец

Мемоарите на некогашниот фронтмен на Смитс станаа контроверзни уште пред да бидат објавени. Последни кренаа врева оние кои се скандализираа од одлуката таа да се објави во престижната едиција „Пингуин класикс". Образложението на издавачот - парите од Морисеј ќе ги вложиме во следни изданија на Монтењ.

Сега, кога веќе е излезена, еве некои од најинтересните места во книгата:

1. Односот со Смитс

Морисеј ги опишува конфликтите помеѓу него и неговиот поранешен бенд, но е прилично коректен кога ги опишува нивните таленти. Сепак, ако од книгава сакате да дознаете зошто Смитс се растурија, тој дел фали. Прилично студено, распадот е опишан вака: „Имавме серија состаноци со сметководители и адвокати во Вуд Хол студио, за на крај Смитс да го издишат последниот преморен здив и да се повлечат. Се случи толку брзо и со толкаво отсуство на емоции колку што беше потребно да се напише оваа реченица".

2. Авторовиот сексуален живот

Една од работите за кои луѓето се прашуваа и до сега е сексуалната ориентација на Морисеј. Во книгата тој зборува за првата сериозна врска во неговиот живот, и тоа е со маж по име Џејк Оуен Волтерс. „За прв пат во мојот живот вечното 'јас' стана 'ние', конечно можам да бидам со некого". Тој не вели дека тие биле љубовници, но раскажува за делење хотелски соби, и како Џејк му носел чај во бањата. Сепак, јавно секогаш нервозно негирал на геј инсинуациите - кога некоја жена во чекалната на Бритиш Ервејс им се обратила со „вие сте или браќа или дечковци" тој дрско одговорил: „Можат ли браќа да бидат дечковци?".

По објавувањето на книгата тој слично реагира и на прашањата од новинарите да го појасни овој дел од книгата. „За жал не сум хомосексуалец", изјави тој. „Технички, јас сум човекосексуалец (humasexual), односно ме привлекуваат луѓе. Секако, не преголем број од нив".

3. Сепак, девојките не го привлекуваат

„На девојките сум им привлечен од мистериозни причини, немам појма зошто...А што се однесува до мене повозбудливи ми беа стилските тркачки точаци кои татко ми ги носеше дома".

4. За малку ќе умрел

Морисеј бил блиску до смртта повеќе пати, како во детството кога предвидувале дека нема да преживее до тинејџерски години, до случајот на негово киднапирање во Мексико.

5. Се бавел со атлетика

„По некаква случајност бев одбран да трчам во училишни натпревари на 100 и 400 метри, и за чудо освоив и медали". Како што објаснува во книгата, со спорт почнал да се занимава за да го одбегне малтретирањето од страна на соучениците, и како лек против депресија, во која често запаѓал.

6. Морисеј има покул пријатели од вас

Ретко кој може да се пофали дека видел ваква сцена: како Криси Хаjнд (од Притендерс) во кафана зема мало куче во скут, и го гриза за врат со цела сила, на очи на вкочанетите сопственици и вработени.

7. Му било понудено камео во Френдс

Морисеј требало да ѝ се придружи на Фиби во заедничка песна во Централ Перк (кафаната во серијата) каде требало да пее „со многу депресивен глас". Неколку секунди по понудата „здувнал по пожарните скали како змија".

Освен за обожавателите на пејачот, книгата изгледа дека сепак не е некаков книжевен предизвик. Главно е оценета како „заморен нарцизам" и „самосожалувачко лелекање". Или како што некои критичари го парафразираа насловот на една од неговите најпознати песни - Морисеј и сега, откако ја напиша книгата, се чувствува лошо.

 

22 октомври 2013 - 06:13