Литерари Хаб е страница за вести од книжевноста, агрегатор кој обединува повеќе од 70 издавачи, списанија, книжарници и невладини организации од областа. Целта на сајтот е да претставува централна „станица" за љубителите на читањето, кои со оглед на стеснувањето на содржините на вестите кои главно се однесуваат на политика и тривија, се загубени во дигиталното море информации во кое тешко испливува некоја што нив ги интересира.
На годишнината од основањето, сајтот ја воведува наградата за најдобар еротски пасус во книга. Спротивно на „Награда за лош секс во белетристика" (за која редовно известуваме), чија цел е да ги издвои „најлошо напишаните или сосема непотребни описи на секс во книга", Лит Хаб го бара најдоброто во овој жанр.
Методологијата на избор била следна: уредниците одбрале 16 антологиски пасуси во врска со секс и ги поделиле на четири периоди, согласно некакви според нив утврдени „меѓници" во историјата на книжевнсота. Првиот период е сè пред издавањето на „Улис" на Џојс, значи пред 1922. Втората е „загубената генерација" и по неа, значи периодот пред, за време и по Првата светска војна. Третиот меѓник е „Лолита“ и по неа, а последниот е од 1980-тите до денес. Турнирот се одвивал во фази (прва рунда, втора рунда, полуфинале, финале), за на крај да се дојде до победникот.
Тој оваа година е Џејмс Болдвин и неговиот роман „Собата на Џовани", приказна за млад Американец во Париз кој е на праг да ѝ понуди брак на својата девојка, но додека таа е на пат се запознава со привлечен шанкер. Тоа е повод тој да се потсети на неговите рани хомосексуални искуства, со другар по име Џои.
„Џои ја крена главата а јас ја спуштив мојата, и се бакнавме, како божем случајно. Потоа, за прв пат во мојот живот, бев навистина свесен за туѓо тело, за мирис на друг човек. Се гушнавме...Тогаш ми изгледаше дека и цел живот нема да биде доволен за да го завршам со Џои чинот на љубовта."
Жирито речиси едногласно го одбрал овој пасус како победнички. Во соопштението Лит Хаб пишува:
„Има добра причина зошто повеќето награди кои се даваат за опис на секс во книги се за лош секс: да се вербализира најинтимниот чин генерално е осудено на неуспех. Дури и најдобрите писатели заглавуваат некаде помеѓу биолошкото и еуфемистичкото, и варираат од меко до флуоресценто. Ретко излегува добро. Па сепак, голем број од нив се обиделе и ќе продолжат да се обидуваат"
Целата информација за процесот на селекција и финалистите тука