Се израдував кога во текст посветен на новиот албум на Брајан Ино прочитав дека некои од неговите најголеми фанови се оние кои пред средбата со неговата музика страдале од несоница. Во 1982 тој добил писмо од мајка чие дете не можело да спие, било ултра-нервозно и во постојан грч - еден ден таа му ја пуштила музиката на Ино, и детето едноставно заспало врз подот.
Истиот смирувачки ефект врз мене долго време го имаше „Музика за аеродроми" (1978), која Ино ја замислил како антидот на нервозите на аеродромските шалтери за загубен багаж. Тој, како и претходниот „Дискретна музика" од 1975, се сметаат за стилски претходници на новиот „Лукс", прв негов соло албум по „Уште еден ден на Земјата" од 2005.
Како што напишаа во Вашингтон пост, „Лукс" има нешто од онаа њу-ејџ музика која можете да ја чуете во салоните за масажа, но е помалку претенциозен од филмски музички скор. Токму тоа е и идејата на Ино од моментот кога со „Дискретна музика" практично го втемели „амбиент-от" како жанр. „Сакав да направам дело кое може да биде и слушано, и истовремено игнорирано, да биде дел од амбиентот исто како што се бојата на светлината и звукот на дождот", изјави тој на времето.
Новиот албум всушност оригинално и бил амбиентален елемент - звучна инсталација поставена минатиот јули во Големата галерија на палатата Венарија во Турин, Италија. Барокното здание, изградено во 1700-тите, особено галеријата која претставува мост помеѓу две палати, самите по себе создаваат звук. Ако пукнете со прстите, звукот трае уште 11 секунди - токму во ваков простор првично одѕвонувале звуците на „Лукс", кои таму биле и доработувани, со оглед на влијанието кое самиот простор, полн светлина, го имал врз Ино - сосема различен од англиската сива, интроспективна, и мрачна клима во која тој првично бил создаван. Оттаму и неговиот наслов.
Друг критичар ја пуштил музиката од албумот на инаку хиперактивна мачка - таа прво се заслушала, а потоа спокојно си се испружила на покривка во кујната. Во време на постојани, агресивни и надразнувачки звучни дразби, од бор машината на комшијата, до звукот на багерите, оваа музика навистина некако теши и, да, успива. Пробајте сами. Забавно е кога за миг ќе забавиш, макар и понеделнички.