Приказната за бабите-трујачки од унгарското село Нагирев

Нова книга од Пати МекКракен го истражува случајот на тн. „создавачки на ангели“ - неверојатната, вистинска приказна за намерно труење со арсен помеѓу унгарските селани од почетокот на 20 век.

Ако сте го гледале необичниот унгарски филм без дијалог „Хакл“ (Икање) на Ѓерг Палфи тогаш приказната ви е позната. Она што можеби не сте го знаеле е дека таа е истовремено и вистинита. 

Нова книга на Пети МекКракен, наградувана новинарка чии текстови се објавувани во Wall Street Journal, Smithsonian и Guardian под наслов „Создавачи на ангели“ (The Angel Makers) е детално претставување на, во најмала рака, бизарната серија убиства во селото Нагирев и соседните населби во Унгарија во раниот 20 век. По неколкугодишна работа на истражните органи, во 1929 година 29 жени и двајца мажи се обвинети за убиство на 42 мажи. Од нив, 16 жени се осудени. Куп тела се ексхумирани и испитани за тоа дали во нив има траги од отров, конкретно од арсен. Постојат мислења дека бројот на убиени бил многу поголем - околу 300. 

Како дошло до ова? Кога луѓето од Нагирев имале некој здравствен проблем, тие оделе кај „тетка Сузи“. Таа немала формално образование, но како и во нашите села, била една од оние „вешти жени“, и бајачка, и бабица и исцелителка. Луѓето ги користеле нејзините домашно приготвени лекарства против болки или за лечење рани. Помеѓу другото, тетка Сузи користела домашно приготвен арсен, што го правела од хартија премачкана со лепак против муви потопена во оцет. 

Ефектот на поголемо количество арсен бил познат. Некои жени го користеле растворот од очај - да се отарасат од уште една уста за хранење или да излезат на крај со насилен сопруг или роднина. Тој бил најчесто ставан во храна, на пример во гускина чорба или во гулаш. Кога некоја жена се посомневала дека нејзиниот трет сопруг има вонбрачна врска, му го сервирала „еликсирот“ како казна. Претходно на сличен начин го убила својот најстар, непослушен син. Арсенот бил јавна тајна - кога некоја жена ќе се пожалела на однесувањето на својот сопруг, пријателка ѝ сугерирала да ја посети „бабицата“.

Книгата на МекКракен најпрвин се фокусира на личноста и делото на Сузи, која дебело наплаќала за своите напивки. Од Марија, жената која ги убила и синот и сопругот, сакала да земе цела куќа. Но некогаш убиствата се случувале без знаење на блиските - воен ветеран бил ликвидиран за синот на тетка Сузи да може да се ожени со неговата богата вдовица. 

Книгата го опишува и историско-општествениот контекст во кој се одвивале овие настани. Таа ги зема предвид регионалните обичаи и ефектите врз селото на Првата светска војна и падот на Австро-Унгарската империја. Нагирев бил во непосредна близина на реката Тиса, која често се прелевала и ги уништувала посевите. Местото во периодот за којшто станува збор бавно транзитирало од старите начини на живот во нововоспоставената бирократија, и од методите на селските исцелители кон модерната медицина. 

Мрачната приказна нуди две поуки. Едната е значењето на тоа жените да имаат контрола врз тоа дали и кога ќе имаат деца. Другата е вредноста на добро финансираниот јавен здравствен систем. Анонимни писма до властите постојано алармирале за сомнителните смртни случаи во областа. Доктор кој бил тука на посета дури побарал и истрага, но немало пари за тоа. Локалната власт била зафатена со реновирање на судот и, иронично, на затворот. 

Она што вознемирува е што тетка Сузи тврдела (како што ќе се види подоцна, погрешно) дека „ни сто доктори“ не би можеле да го детектираат нејзиниот отров. Жените мислеле дека ќе се извлечат и тоа го направило нивниот пристап неверојатно лежерен. Изгледа дека многумина би посегнале по туѓ живот, ако се сигурни дека не би биле фатени. 

 

16 март 2023 - 18:34