„Недозволени шепотења" е 35 минутна претстава која се одвива во едно од техеранските „рахи" такси возила, кои го шпартаат градот како нашите автобуси, по одредена маршута, собирајќи патници на одредени пунктови. Поевтини се од класичните таксиња, а дозволуваат и анонимност, затоа што не доаѓаат на ваш телефонски повик, а овозможуваат и краткотрајни дружења помеѓу сопатниците и размена на новости и актуелни оговарања. Претставата се однесува токму на овој феномен, и ја раскажува приказната на три жени кои еден таксист ги собира на три различни места во градот.
Новинарката на техеранското биро на Гардијан го раскажува своето искуство со претставата, која ја изгледала во старо сиво Пежо, во кое владее вообичаената атмосфера за секое „рахи" - тесно е, мораш да слушаш гласни разговори на мобилни на твоите сопатници, а често несакајќи да влегуваш и во дебати за актуелни политички теми со возачот. Сето ова е искористено во претставата, која започнува со тоа што една жена зборува на мобилен со пријателка со која сака да оди на театар, но ѝ е потребно алиби бидејќи нејзиното конзервативно семејство и љубоморниот сопруг не го одобруваат тоа. Втората сцена е за млада жена која ги има загубено братот и вереникот во војна, а завршува со тоа што таа драматично излетува од таксито дури тоа е во движење. Третата сцена е за жена од внатрешноста (која зборува на речиси неразбирлив дијалект) која дошла во градот да си го најде мажот кој е во болница. Таксито притоа застанува кај три болници, а гледачите ја чекаат дур таа влегува во секоја од нив и се распрашува за мажот.
Гледачите често забораваат дека се работи за претстава и почнуваат да влегуваат во разговор со жените и да се соживуваат со нивната ситуација. Тука не се работи веќе за актери и публика, туку за соучесници во приказна која не секогаш завршува на истиот начин.
Претставата е продуцирана од Urban Arts House, иновативна група млади професионални актери кои се посветени на развој на урбаната култура на Техеран. Тие продуцираат и поттикнуваат екпсериментални уметнички форми, кои имаат за цел да ја вклучат публиката и да ги анимираат секојдневните градски простори. Креаторот на претставата, пак, е Азадех Ганџе, проучувач на Шекспир, чии три лика се инспирирани од Дездемона од Отело, Офелија од Хамлет и Катрина од Кротењето на опаката. А тоа што драмата се одвива во такси го претвора градот во една жива, подвижна сцена.