Мајсторите-навигатори од Маршаловите острови, микродржава близу екваторот во Тихиот Океан (или поконкретно „на крајот од светот“) во минатото се соочувале со посебен морепловски предизвик. Малите острови и коралните гребени помеѓу кои патувале често биле прениски и премали за да се видат од далечина од неколку милји. Така, пловењето практично значело наоѓање пат низ простор без објекти кои би можеле да служат како ознаки.
Соочени со ваквата ситуација, островјаните морале да најдат решение, и тоа во форма која ќе биде јасна за сите морепловци но и која ќе биде „проприоцептивна“. Тоа значи дека е базирана на чувство за релативната позиција на телото на оној кој плови во однос на движењето на океанот и механичкото движење на брановите кои можеле да доаѓаат од сите четири страни на светот, но сепак биле најјактивни од исток.
Следејќи го начинот на кои динамиката на брановите се менувала кога тие наидувале на остров или карпа бил создаван ментален модел кои го отсликуваат шеми направени од дрвени стапчиња, а кои служат како лични потсетници на секој навигатор. Тие го прикажуваат морето како еден вид пајажина (или како фасција во човечкото тело), полна со комуникациски јазли, при што промена во една точка може лесно да повлече промена во друга.
Имало повеќе видови шеми: ребелиб - која претставувала цели синџири острови; медо - шеми на движење на бранови во помала област; и матанг, едноставни алатки за дијаграмско претставување на основните интеракции помеѓу копното и водата.
Вакви мапи користеле и навигаторите низ Микронезија и Полинезија, заедно со други методи. За оние кои знаеле како да го читаат, океанот е полн знаци: специфични птици се појавуваат само близу копно; далечни шуми кои не се во видно поле сепак фрлаат зеленикава нијанса на видливите облаци. Додека патувале, песните им помагале за побрзо да им мине времето, но и тие биле начин за пренесување и помнење важни информации. Со помош на дрвените дијаграми населението од Маршаловите острови успевало да воспостави голема трговска мрежа низ Пацификот, која стигнувала дури до Нов Зеланд и Јужна Америка.