Полураспаднати албуми со исечоци од стари весници, кои се чуваат во Метрополитен музејот во Њујорк, се всушност архиви на некролози и вести за смрт на повеќе светски уметници од крајот на 19 и почетокот на 20 век.
Меѓу нив некои се познати, како Огист Роден, но имињата на други се избледени од колективната меморија. Таков е, на пример, Френсис Дејвис Милет, кој служел како барабанџија во текот на Граѓанската војна на страна на Унијата, а подоцна исчезнал на Титаник. Всушност, мнозинството реквиеми се за луѓе кои не го добиле потребното внимание за време на животот, но околностите на нивната смрт - со самоубиство, како резултат на убиство, или поради бизарна несреќа - конечно ја подгреале јавната љубопитност и сеирот на медиумите. Покрај нивните имиња и деталите за начинот на кој погинале, биле објавувани и адресите на починатите, а секако некои нешта биле додавани и украсувани.
„Им го понудил своето тело на кучињата: уметник по самоубиство оставил и белешка во која ги отфрла Бог и религијата“. „Убиен уметник - рака на смртта на ѕидот е клуч за загатката“. Ова се само некои од насловите на статиите, кои го отсликуваат стилот на таблоидното новинарство од тоа време. Текстовите, иако често многу кратки, се така напишани за да исцедат максимум драматичност од нечија мака и да го фиксираат вниманието на читателите кои и тогаш, а и сега се подложни на сиров емоционален набој и на воајеризам. Авторите притоа го засилувале стереотипот за уметниците како луѓе опседнати со величина, ексцентрици или како болни од ментални пореметувања.
Составувач на овие албуми бил извесен Артуро Б. де Сент М. Д’Ервили. Тој работел цела деценија на различни административни позиции пред да биде промовиран во асистент-куратор на сликарскиот оддел на Метрополитен. Тој сфатил дека музејот може да ги користи весниците за самодокументација, како и за промоција. Оттаму одржувал соработка со голем број „бироа за клипинзи“, односно сервиси за следење на медиумите, чии млади работнички (биле вработувани главно девојки) секојдневно прегледувале стотици дневни весници во потрага по клучни зборови и имиња, нешто како аналоген претходник на Гугл алертс.
Сепак, на голем број од исечоците се гледаат иницијалите „D’H“ (презимето на D'Hervilly), најверојатно затоа што тој лично се интересирал за конкретната тема - некролозите на уметниците. Откако доживеал фатален инфаркт во 1919, неговите колеги го презеле проектот, додавајќи материјал кон албумите во следните десет години. Во еден од нив е вклучен и некролог за самиот Д’Ервили, под наслов „Роб на должноста кон уметничкиот музеј“, за човек кој никогаш не земал одмор, дури не одел ни на пауза, ручајќи на канцелариската маса.