Во мај минатата година компјутерскиот оддел на Универзитетот Стенфорд започна официјална Иницијатива за елиминација на штетен јазик (ИЕШЈ). Во декември ИЕШЈ објави долга листа зборови кои би спаѓале во оваа категорија. Се работи за документ од 13 страници во кој по азбучен ред се наведени наводно некоректни и штетни зборови и нивни политички коректни алтернативи (целата тука). Тие се групирани под категории, како „ејџизам“, „колонијализам“, „родово базирани“, „непрецизен јазик“, „институционализиран расизам“ итн.
На пример, според иницијативата не треба да се вели „зависен“ туку „посветен“; не е „изврши самоубиство“ туку „умре од самоубиство“; не е „луд“ туку „изненадувачки/див“; не е „ретардиран“, туку „здодевен и не-кул“.
Исто така на списокот се најдоа родово сензитивни термини како „дечки“, и наводно неодредени, како „Американец“, кој според иницијативата претставува „непрецизен јазик“ и треба да се замени со „граѓанин на САД“. Помеѓу најчудните „штетни“ зборови е „дедо“ (асоцирало на некаков закон кој им одземал право на гласање на Афро-Американците), „бела хартија“ која треба да се замени со „позициона“ (што и да значи тоа) и „гуру“, висока титула во будизмот и хиндуизмот која не би смеело да се користи туку-така.
Откако беше објавен, документот наиде на општо исмевање и критика, и тоа не само од надвор туку и од внатре, од редовите на професорите и другите вработени на Стенфорд. Не помогна ни тоа што одговорниот за информирање на универзитетот, Стив Галагер, излезе со изјава дека списокот бил наменет како водич, а не како обврска. На 8 јануари тој е повлечен за да биде одново разгледуван. Дали ова значи целосно откажување од иницијативата или во текот на годината ќе излезе некој нов, уште побогат список, останува да се види. По празниците ние сме заинтересирани само за судбината на зборот „дебел“.