Три романи, четири збирки раскази и три книги документаристичка проза на Хемингвеј се објавени постхумно, по неговото самоубиство во 1961. Сега во Њујоркер се појави расказ под наслов „Потрагата како среќа“ (Pursuit as Happiness) кој ќе биде вклучен во ново издание на неговиот антологиски роман „Старецот и морето“, кое ќе го објави Скрибнер.
Во интервју за Њујоркер неговиот внук Шон Кенеди објаснува дека го пронашол текстот во библиотеката и музеј Џон Ф. Кенеди во Бостон, каде се чува најзначајниот дел од ракописите и документите на Хемингвеј. Заедно со него биле и уште неколку до сега необјавени автобиографски раскази за Втората светска војна. „Потрагата како среќа“ изгледа исто така автобиографски, со оглед на тоа што нараторот се вика Ернест Хемингвеј. Тој и неговите двајца пријатели - господин Џоси и Каролс Гутиерез - цел месец секојдневно излегуваат на отворено море во очекување на големите марлини кои треба да се појават секој момент. Но наместо тоа, денот го завршуваат со риби на кои не знаат што да им прават, па ги раздаваат на сиромашните, кои се толку бројни што им ги запишуваат имињата во тефтер, за да има некаков ред.
Бидејќи изнајмувањето на бротчето Анита сепак чини пари (исто како и храната во текот на денот) Ернест мора да пишува за да заработи некој долар рано наутро, пред осум, односно пред да тргнат по риба. А за што друго би пишувал освен точно за она што им се случувало на овие патувања? Така, расказот добива и мета димензија, тој е за човек кој лови за да пишува, и пишува за да лови. Има тука и доста хумор и самоиронија, особено кога Карлос - сопственикот на „Анита“ - му сугерира дека за целата работа да успее Ернест треба да ја следи тактиката - NSL (No Social Life). Значи без алкохол и жени, со рано легнување и рано станување за да се биде свеж за работа. „Без социјален живот, без социјален живот“, мрмори Ернест кога крај него проаѓаат згодни девојки и сака да го нарача третото даикири.
Според внукот на Хемингвеј, можно е расказот всушност да е инспириран од неколку различни рибарски искуства, споени во една приказна. Доколку навистина се однесува на 1933, како што се претпоставува, тоа е време на политички немири во Куба, убивање на млади активисти кои протестираат против режимот на Мачадо. Токму тоа, менувањето на фокусот од ваквата атмосфера кон морето, пеколното сонце кое ги пече плеќите и рацете избраздени од тегнење јажиња, е некој вид ескапизам, кон оаза на среќа среде немирната реалност.
Расказот завршува без вистински да заврши, точно како што најавува насловот - убавината е во очекувањето, потрагата, секојдневните мали битки. Без оглед дали уловените „риби“ притоа се големи или мали.
Целиот расказ тука