Iyúskinyan wancínyankelo

Последниот бранител на јазикот лакота

Алберт Белата Шапка, кој беше клучната личност во подучувањето и заштитата на овој индијански јазик, почина минатата недела на 74 години.

Белата Шапка, припадник на племето Лакота од семејството Сијукси, е автор на неколку книги за јазикот лакота кои денес течно го зборуваат помалку од 6,000 луѓе. Нивната просечна старост е 60 години, а во Јужна и Северна Дакота, каде главно живее ова население, него како мајчин го зборуваат помалку од 14% од нив. 

Со неговата смрт, од рак на простата на 74 години, замина голем промотор не само на јазикот, туку на целата култура на домородните Американци. Тој го има напишано првиот лакота речник, граматиката и правописот, а бил и шеф на одделението за лакота студии при Универзитетот Ситн Глеск во резерватот Роузбад.

Неговата ќерка Емили Белата Шапка изјавила дека нејзиниот татко верувал во потребата начинот на живот на домородните Американци да се промовира не само како некаква егзотика, туку така за од него нешто да научат и другите народи. Една од таквите прилики било и преведувањето на дијалози од оскаровецот „Танц со волците" на Кевин Костнер. Вилхелм Меј, извршен директор на Јазичниот конзорциум лакота, непрофитна организација која работи на ревитализација на јазикот, го нарекол Белата Шапка „јазичен воин".

Овој народен просветител е роден во резерватот Роузбад. Зборувал само лакота до тинејџерските години, кога во училиштето почнал да учи англиски. Неговиот дедо, поглавицата Шуплив Рог бил главен на преријските Индијанци во војната против белите доселеници во 19-тиот век, и преговарал со владата на САД. Самиот Алберт пак оставил седум деца и бројни внуци, за кои се надевал дека ќе ја продолжат неговата борба за зачувување на традицијата.

Ако сакате да прочитате и чуете како изгледа лакота кликнете тука или погледнете го исечокот од „Танц со волците“. Горниот наднаслов значи „Мило ми е што ве запознав“.

 
19 јуни 2013 - 14:59