До 1967 хомосексуалноста во Англија и Велс била забранета. За да одбегнат затворска казна, геј мажите користеле „полари“, говор за кој Оксфордскиот речник на англиски вели дека е составен од италијанизирани фрази, сленг кој се римува и „кодови“. Тој всушност се појавил претходно, во 18 и 19 век како таен јазик на морнарите, криминалците и Ромите распрскани низ Европа.
На овој јазик bona се користело за добро, dolly за убаво, eek за лице, cottage за јавно ВЦ кое се користи за секс, TBH (to be had) за некој што е сексуално на располагање. Кеrtever cartzo е сексуално пренослива болест, dish е газ, a Bona lallies on the omi пак „тој има убави нозе“. Покрај оми за маж, и дона или палоне за жена, се користеле и оми-палоне за феминизиран маж, најчесто геј, додека палоне-оми се користело за лезбејка. Бидејќи оми често се спелува како homie, можно е токму тука да лежи и потеклото на зборот за хомосексуалец во урбаниот американски сленг.
Полари не е едноставен за истражување, затоа што сленгот се менувал - не постои дефинитивен речник, а се користат и куп различни транскрипции. Дури и името на говорот понекогаш е „парларе“ или „паларе“, како во песната на Морисеј од 1990, Piccadilly Palare.
За работите да бидат уште покомплицирани, се смета дека постојат две одделни верзии на полари во Лондон - таа од Ист Енд, која вклучува повеќе кокни сленг со рими, и поедноставна од Вест енд. Можеби причината за ова е што оние од истокот биле поблиску до брегот и под влијание на пристанишните работници и странските јазици кои го комплицирале сленгот, за разлика од оние во западниот дел, кого го зборувале главно службеници и уметници.
Еден од начините на кои овој говор станал популарен, иако не сите биле свесни дека се работи за геј сленг, било шоуто Round the Horne кое се емитувало на радио Бибиси во 1960-тите, а го слушале 20 милиони луѓе. Двата главни лика и во реалниот живот биле геј, па низ импровизирани фрази во програмата го „зачинувале“ текстот. Така некои од зборовите влегле во секојдневна употреба, како naff, кој веројатно потекнува од полари и значи „хетеросексуалец“, за подоцна да го добие значењето на не-кул и досадно. Сепак, најпознат термин е drag, мажи кои се облекуваат во женска облека.
Во седумдесетите од минатиот век полари речиси престанал да се употребува, бидејќи да се биде геј веќе не било незаконски. Сепак, тој се уште се појавува тук и таму, како на пример во стиховите на Girl Loves me на прошталниот албум на Боуви, Блекстар (за што пишувавме тука). На полари е преведено и Светото писмо, а постои и проект, Полари Мишн, во рамки на кој е изработена апликација со речник кој слободно може да се симне.