Мерлин Монро често инсистирала да биде сликана со книга - не за да испадне паметна, туку заради тоа што навистина сакала да чита. Личната библиотека ѝ содржела 400 книги, вклучувајќи ги Достоевски и Милтон, Хемингвеј и Керуак. Кога не снимала земала ноќни часови по литература и историја на Универзитетот Колумбија, и пишувала поезија. Добро, не е Шимборска или Силвија Плат, ама песните не ѝ се лоши, особено онаа за мостовите.
„Само делови од нас
некогаш ќе допрат делови од други -
сопствената вистина е само тоа - сопствена вистина.
Можеме да споделиме само дел
кој е прифатлив за другите
па така човек е главно осамен.
Како што и е предвидено во природата -
во најдобар случај
можеби нашето разбирање
ќе ја истера надвор
туѓата осаменост."
„Живот -
јас сум насочена во двете твои насоки
некако останувајќи да висам надолу,
но силна како стара пајакова мрежа на ветрот -
постојам повеќе со студената мокра слана.
Но моите нанижани зраци се во бои кои ги имам видено на слики -
ах, животе, те имаат измамено"
„По ѓаволите, посакувам да бев мртва -
апсолутно непостоечка,
замината одовде -
од секаде, но како би можела.
Секогаш има мостови - Бруклинскиот
Но го сакам тој мост
(сè е убаво од таму и воздухот е толку чист)
шетањето е смирено
со сите тие автомобили кои лудо минуваат оздола.
Па затоа би морал да биде некој друг мост
некој грд и без поглед -
ама пак јас ги сакам сите мостови -
има нешто во врска со нив,
освен тоа никогаш и немам видено грд мост."
Артур Милер наводно коментирал за нејзиното пишување: „Таа имаше инстинкт и рефлекси на поет, но ѝ недостасуваше контрола". А можеби била само преубава за некој да ја сфати сериозно.